Македонската влада има амбициозен план за развој на патната инфраструктура во 2016 година. Од државниот буџет за изградба и реконструкција на автопатите, магистралните, регионалните и на локалните патишта ќе бидат одвоени над 200 милиони евра. Во сегментот на автопатиштата, наредната година ќе продолжи изградбата на делниците Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Догодина ќе почне изведбата на автопатската делница од Требеништа до Струга, но и реконструкцијата на постоечките делници од Смоквица до Гевгелија, од Куманово до Миладиновци и од Неготино до Демир Капија. Севкупно земено, наредната година ќе стартува санацијата и изградбата на 50 километри автопат со вредност од 74 милиони евра.
Во текот 2016 година ќе се работи и на изградбата на експресни, магистрални и регионални патишта со должина од 250 километри, а ќе се рехабилитираат вкупно 156 километри од сегашната патна мрежа. Во соработка со Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта треба да ја заврши изградбата на експресниот пат Велес – Штип, како и патиштата Скопје – Сончев град, Опае – Бељаковце – Станчиќ и спојот Ново Село – Мариово. Во владината програма се влезени експресните патишта Штип – Радовиш, Градско – Прилеп, Охрид – Пештани, Ранковце – Крива Паланка, регионалните патишта Пробиштип – Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево и Кичево – Дебар.
Во делот на магистралните патишта, планирано е да се доврши реконструкцијата на магистралниот пат Битола – Ресен – Буково и на регионалните патишта Мокрино – Смолари, Нов Дојран – Николиќ, Брвеница – Чегране – Гостивар. Во 2016 година ќе започне рехабилитацијата на патиштата Кочани – Делчево, Бошков Мост – Дебар, Клепач – Новаци, Делчево – Голак, Мелнички мост – Центар Жупа, Лажани – Ропотово – Црнилиште и Кривогаштани – Обршани – Воѓани.