Претходна статија
„СПИМ Студио“ победници на Конкурсот за доградба на прилепскиот Дом на културата
Следна статија
Ќе се уредува просторот од плоштад „Македонија“ кај неизградените Шпански скали

Догодина ќе се крои проект и за нов ТИРЗ во Охрид

Објавено на 25.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Охрид е најновиот град во земјава што ќе добие технолошко-индустриска развојна зона. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони денеска објави тендер за изработка на проектна документација за индустриската зона Косел, која што е предвидено да се отвори на површина што би го опфатила кругот на некогашниот охридски гигант „ЕМО“. За извршување на услугата, на проектантот е предвидено да му се исплатат околу 1,2 милиони денари. Проектната документација за ТИРЗ Охрид ќе се изготвува во зависност од потребите и нарачките од државната дирекција, при што услугите за проектирање ќе зависат и од интересот на странските инвеститори да вложат во нови фабрики во Охридскиот регион.

 

*Извор на фотографија: Општина Охрид

 

Во текот на наредниот месец ќе се знае избраниот проектант што ќе треба постепено да ја изработува проектната документација за ТИРЗ Охрид. Во моментов во индустриската зона Косел функционира производствениот погон на германската компанија за автомобилски компоненти „Костал“. Од оваа компанија пред еден месец веќе најавија дека во 2019 година ќе инвестираат дополнителни 20 милиони евра во кругот на некогашната фабрика „ЕМО“, со што ќе се прошират производствените капацитети на 35.000 метри квадратни и ќе се отворат нови работни места.