Претходна статија
Макпетрол ја реконструираше бензинската станица во Карпош 3
Следна статија
Повторен повик за расправа за „барокот“ во кампусот на УКИМ

Догодина ќе се гради втората секција од жичарницата на Водно

Објавено на 25.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски објави тендер за избор на градежна компанија што ќе ја гради втората секција од жичарницата на Водно, која е предвидено да се реализира на потегот од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања во скопската населба Козле. Се очекува овој проект да го чини државниот буџет околу 7,2 милиони евра. Продолжувањето на жичарницата кон подножјето на Водно, чија должина изнесува 1.600 метри, треба да се реализира во период од 12 месеци, но за проектот најпрво треба да се избере најповолен понудувач во првата половина од 2016 година. Домашните и странски градежни компании имаат рок до 8 февруари 2016 година за да ги достават своите понуди.

 

 

 

Проектот за сите три секции од проектот „Жичарница на Водно“ го изработи австриската компанија „Допелмаер“, од каде беше набавена и опремата за постоечката траса од Средно Водно до самиот врв на планината. Во натамошниот период владата треба да донесе одлука и за последната трета секција, која е зацртано да се гради од Институтот за белодробни заболувања – Козле до црквата „Свети Јован Крстител“ во населбата Капиштец.

 

Жичарницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше свечено пуштена во употреба на 5 јуни 2011 година. Во првата секција од инфраструктурниот проект се инвестираа околу 6,7 милиони евра. За изградбата на првиот дел од жичарницата, расчистена беше траса со ширина од 18 метри и беше исечена шума со површина од 12.000 метри квадратни.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk