Штипската фирма „Актива“ ќе го гради мултимедијалниот центар во Штип [»мапа]. Центарот за развој на источниот плански регион и „Актива“ денеска потпишаа договор за изградба на објектот кој се реализира во рамки на проектот „Вмрежување на мултимедијални центри во прекуграничниот регион – CREATIVA“, финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ. На локацијата на некогашното летно кино во градот, ќе се гради нов објект во кој е планирано да се одржуваат разновидни културно – уметнички манифестации. Вредноста на ЕУ проектот изнесува 448.840 евра, од кои општина Штип ќе добие 300.000 евра, додека бугарската општина Гоце Делчев 148.000 евра.
* Извор на фотографија: Општина Штип
Штипскиот градоначалник Илчо Захариев е задоволен од реализацијата на мултимедијалниот центар. „Ова е проект преку кој ќе создадеме трајно дело за градот и ќе ја урбанизираме локацијата која порано беше дувло за наркомани. Со изградбата на овој објект, ќе имаме нешто што ќе биде на користење за идните генерации и кој ќе биде посветен на младите“, изјави Захариев. Локалната самоуправа ќе учествува со дополнителни 50% од средствата потребни за изградбата.
Мултимедијалниот центар ќе почне да се гради во март, додека свеченото отворање на новиот објект е предвидено да се одржи кон крајот на декември годинава.