Вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и ЈП за Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани денеска извршија увид во изградбата на првата фаза од железничката пруга кон Бугарија, на потегот од Куманово до Бељаковце. „За оваа година и половина изградени се околу 42 проценти или со други зборови завршени се околу 70% од градежните активности“, изјави вицепремиерот Анѓушев.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Проектот вреден 40 милиони евра го гради германската фирма „Вибе“, а владините очекувања се дека до крајот на 2019 година ќе се комплетираат градежните работи на оваа пруга. Министерот Горан Сугарески напомена дека поставувањето на сите електрични уреди ќе се заврши до средината на 2020 година. Во изминатиов период се изградија 8 километри од железничката пруга меѓу Куманово и Бељаковце, кои веќе се ставени во функција за товарниот сообраќај.
Паралелно со завршувањето на оваа траса, кон средината на 2020 година ќе започне изградбата на втората фаза од пругата кон Бугарија, на потегот меѓу Бељаковце и Крива Паланка. Вицепремиерот Анѓушев информираше дека тендерската постапка е во фаза на евалуација, и се очекува до крајот на годинава да се заврши процесот за избор на изведувач на работите. Проектот вреден околу 140 милиони евра се финансира преку неповратен грант од ВБИФ во износ од 68 милиони евра, како и со кредит од ЕБОР.