Претходна статија
РЕПОРТАЖА: Новиот Тихи - најголемиот социјалистички град во Полска
Следна статија
Доделени наградите за 2018 година Комората на овластени архитекти и инженери

До јуни догодина ќе почнат да сообраќаат новите локомотиви на МЖ – Транспорт

Објавено на 19.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Новите електрични локомотиви на Македонски железници – Транспорт се веќе произведени од кинеската компанија ЦРРЦ Џуџоу. Првата од нив треба да пристигне во нашата земја веќе кон крајот на февруари 2019 година, а од железничкото претпријатие очекуваат истата да се стави во фунција на почетокот од април. „Во тој момент, ќе бидат испратени кон Македонија и преостанатите три локомотиви. Тоа би значело дека сите четири локомотиви ќе бидат во сообраќај во текот на месец јуни“, информираат за „Билд“ од МЖ – Транспорт.

 

*Локомотивите стари по неколку децении догодина ќе се заменат со нови

 

Кинеските локомотиви ќе сообраќаат на електрифицираната пруга од Табановце до Гевгелија, а ќе се користат за товарен превоз. Според склучениот договор со кинеската компанија, вредноста на набавката на новиот возен парк изнесува 8.678.600 евра. Локомотивите ќе се движат со максимална брзина од 120 километри на час, при што нивната современа технологија ќе овозможи враќање на енергија во постоечката електрична мрежа во моментот на нивно кочење. Финансиските средства за четирите нови локомотиви се обезбедени од заемот подигнат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

 

Македонските железници во изминативе години беа осовремени со кредитот од ЕБОР, кој овозможи да се набават 150 товарни вагони, шест моторни гарнитури за патничкиот сообраќај и четири локомотиви за товарниот транспорт. Воедно, од МЖ – Транспорт велат дека во тек е завршувањето на проектот за обновување на халата за одржување на возните средства во депото „Лисиче“ и проектот ЕМИС за изградба на информатички систем за контрола на потрошувачката на електрична енергија и нафта од државното железничко претпријатие.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk