Патоказот за развој на капацитетите на градежниот сектор во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија денеска беше претставен пред членките на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и на неметали. Со овој документ, изработен во рамки на проектот „Build up Skills“, треба да се придонесе во остварувањето на националните енергетски цели преку обезбедување на квалификувани работници во градежниот сектор за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Согласно со акцискиот план, во периодот од 2013 до 2016 година треба да се обучат 4.800 работници од градежниот сектор, кои се директно инволвирани во градбата на објекти. На пазарот на трудот ќе бидат потребни минимум 9.600, а максимум 16.200 квалификувани работници. Меѓу нив, за спроведување на мерките за енергетска ефикасност се предвидени ѕидари, фасадери, столари, покривачи на кровови, термоизолатери, инсталатери, електричари и електромонтери.
Во документот се даваат приоритети за надградба на образовниот систем за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Добивањето на овој тип на вештини може да се реализира во текот на постоечкиот образовен процес, но повеќето од персоналот во градежниот сектор треба да ги совлада вештините преку дообука и преквалификација на возрасни. Од компаниите членки на Стопанската комора на Македонија нагласуваат дека законската регулатива во овој сегмент не е заокружена, што претставува пречка за постигнување на барањата за енергетска ефикасност на објектите. Во Македонија, просечната потрошувачка на енергија кај објектите се движи од 200 до 250 киловат часови електрична енергија по метар квадратен на годишно ниво, додека европските земји инсистираат компаниите од 2014 година да градат исклучиво ниско енергетски или пасивни објекти, со максимална потрошувачка на енергија од 10 киловат часови.