Претходна статија
Градските власти решени да го променат ликот на објектите во центарот на Скопје
Следна статија
Автопатот Демир Капија - Смоквица заглави во лавиринтите на Министерството за финансии

„Дивелоп Груп“ и „Инвестен“ ќе градат трговски центар и хотел кај граничниот премин Богородица

Објавено на 31.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Општина Гевгелија на денешното јавно наддавање продаде две градежни парцели за изградба на голем трговски центар и хотелски комплекс близу граничниот премин Богородица. На првата локација во месноста „Милци“ ќе се гради трговски објект со компатибилна намена за деловен простор на земјиште со големина од 31.849 метри квадратни, со површина за градба од 22.600 метри квадратни и максимална бруто развиена површина од 135.600 метри квадратни. Дозволената висина на зданието е приземје и пет ката односно 21 метар. Оваа парцела на одржаната лицитација достигна цена од 660 денари за метар квадратен, така што купувачот – скопската фирма „Инвестен“ за неа ќе треба да плати вкупно 21.020.340 денари или околу 340 илјади евра.

 

На спроведеното наддавање се продаде и парцела во месноста „Смрека“ со големина од 16.244 метри квадратни на која е зацртан хотелски комплекс со компатибилна намена за мали комерцијални и деловни дејности, на површина за градба од 6.509 метри квадратни. Дозволената висина на објектот е приземје и 10 ката односно 37 метри, а може да има максимална бруто развиена површина од 29.290 метри квадратни. Најповолниот понудувач – скопската фирма „Дивелоп Груп“ го купи местото за градење по цена од 250 денари за метар квадратен, при што за целото земјиште треба да одвои 4.061.000 денари, односно околу 66 илјади евра.

 

Инвеститорите имаат рок од 12 месеци за да обезбедат одобрение за градење и објектите да ги реализираат во период од 72 месеци од денот на добивање на градежната дозвола. Локалната самоуправа во Гевгелија планира и во наредниот период да понуди градежни парцели на лицитација за да се задоволи големиот интерес за градење на оваа атрактивна локација.