Британската мултинационална компанија „Џонсон Мети“ (Johnson Matthey) денеска стартуваше со изградба на нови производствени погони во својата фабрика за катализатори во слободната економска зона „Бунарџик“ близу Скопје. Проширувањето ќе се одвива во две фази за кои вкупно ќе бидат вложени околу 60 милиони евра, со што ќе се удвои капацитетот на фабриката и ќе се создадат нови 100 работни места. Експанзијата доаѓа како одговор на рапидно зголемената побарувачка за пософистицирани и покомплексни катализатори. Потребата од нив е резултат на построгите европски законски прописи за издувните гасови, што ќе стапат на сила во следните неколку години. Новата легислатива ги опфаќа и лесните и тешките товарни возила, како и опрема за градежништво и земјоделието.
„Џонсон Мети“ започна со производство во „Бунарџик“ во 2010 година. Со минатогодишниот извоз од над 600 милиони долари, моментно го држи првото место во земјава според овој параметар.