Турската агенција „Тика“ инвестира 1,5 милиони евра во изградба на новиот образовен објект на гимназијата „Здравко Чочковски“ во Дебар. Објектот забрзано се гради и очекувањата се дека над 700 младинци од дебарскиот регион ќе го продолжат своето образование во новиот објект на почетокот од 2016 година. Училишната зграда ќе има површина од 5.300 метри квадратни, во чии рамки е предвидено да има 32 наставни кабинети и други придружни простории. Дополнителни 500.000 евра ќе бидат обезбедени од „Тика“ за опремување на училиштето, а предвидено е целосно да се уреди и дворна површина околу објектот.
Градежните работи за изведба на новиот објект на дебарската гимназија ги изведува фирмата „Стар М“. Со остварувањето на овој проект, жителите на Дебар ќе добијат соодветен објект за изучување на задолжителната настава од средното образование. Гимназијата „Здравко Чочковски“ во изминативе неколку децении беше сместена во привремени монтажни бараки.