Претходна статија
Зоолошката градина во Скопје со нови живеалишта за животни
Следна статија
969 граѓани на Општина Центар добија субвенција за велосипеди

Dannatt Johnson Architects подготви идејно решение за Епископските базилики во Стоби

Објавено на 19.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Врвно архитектонско биро од Лондон го подготви идејното решение за заштитна покривна конструкција и презентација на Епископските базилики на археолошкиот локалитет Стоби. Во конкуренција на три доставени труда од архитектите, жири-комисијата го избра идејното решение на бирото Dannatt Johnson Architects како најсоодветен архитектонски израз за локалитетот, доделувајќи му ја првата награда во износ од 180.000 денари. Конкурсот за избор на идејно решение беше распишан од Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби.

 

* Извор на фотографија: Министерство за култура

 

 

Идејата за изведба на покривна конструкција на Епископските базилики доаѓа по минатогодишното промовирање на реконструираниот и вратен мозаик во археолошкиот локалитет Стоби. На негова конзервација е работено во периодот од 1991 до 2012 година. Самиот мозаик се простира на површина од 150 метри квадратни и е изработен во текот на IV век. Од Министерството за култура планираат да ги вратат конзервираните фрески во Епископските базилики, со што целокупниот простор ќе се стекне со автентичниот изглед од минатото. За да се комплетира целокупниот проект, неопходно е најпрво да се изведе заштитната покривна конструкција на старата базилика.

 

Студиото Dannatt Johnson Architects се очекува да го вложи своето непроценливо искуство при изготвувањето на проектната документација за покривната конструкција во локалитетот Стоби. Покрај во учеството на бројни конзерваторски проекти на објекти во Велика Британија, ова архитектонско биро во соработка со Советот на Европа има работено и на консултантски активности во земјите од регионов, Кавказот и Источна Европа.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk