Поскапе уредувањето на коритото на левата страна на реката Вардар во центарот на Скопје. Цената на зафатот порасна на 23,6 милиони денари по потпишувањето на дополнителен договор за непредвидени работи помеѓу Градот Скопје и фирмата „Урбан Инвест“ како изведувач на проектот. Градските власти ја отпочнаа санацијата на мајор и минор коритото на реката Вардар на потегот од Камениот мост до мостот „Слобода“. За време на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, овој дел од реката Вардар беше прекриен со градежен шут, земја и други отпадоци, кои целосно го блокираа движењето на пешаците и на велосипедистите.
* Десната страна од Кејот на Вардар останува недостапна за граѓаните
Уредувањето на коритото на левата страна на реката Вардар започна во август минатата година. Градските власти ги санираа ѕидовите од мајор и минор коритото, а предвидено е да се постави и урбана опрема што ќе го следи преферираниот стил на „Скопје 2014“.