Претходна статија
8 милиони евра за реконструкција на објектот на Албанскиот театар
Следна статија
Новиот лик на владината зграда со повисока цена

Чаир ќе биде првата гасифицирана општина во Скопје

Објавено на 12.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Иако локалните власти од Карпош и Центар први ја најавија, општина Чаир ќе биде предводник на гасификацијата во Скопје. Физибилити студијата за определување на оправданоста за гасификација е подготвена и истата позитивно ја оценува идејата за избор на приватен партнер што ќе го реализира проектот. Министерот за економија Ваљон Сарачини, министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми и градоначалникот на Чаир Изет Меџити денеска ги објавија резултатите од изготвениот документ. „Согласно студијата, проценетата вредност на инвестицијата е речиси 5 милиони евра, од кои 860 илјади евра е предвидено да се инвестираат во примарната дистрибутивна мрежа, а 1,6 милиони евра во секундарната дистрибутивна мрежа. Преостанатиот дел од инвестицијата во износ од 2,3 милиони евра е инвестиција за изградба на приклучоци и адаптација на постоечката опрема“, изјави министерот Сарачини.

 

Целокупниот проект ќе се оствари по пат на јавно – приватно партнерство. Во текот на јуни годинава, Владата ќе ја почне процедурата за изнаоѓање концесионер што ќе ја гради дистрибутивната мрежа за природен гас, инвестиција во која ќе биде должен да вложи 30 отсто, додека останатите средства да ги обезбеди преку кредити. Трасите на идната гасоводна мрежа се определени со физибилити студијата. Инфраструктурата ќе се реализира во две фази. Во првата етапа би се изградил магистралниот вод, заедно со секундардната мрежа, приклучните водови, како и приклучоците за сите приоритетни објекти (школство, здравство, административни објекти, поголеми трговски и спортски објекти). Втората фаза од проектот би зависела од интересот на приватниот сектор, првенствено од желбата на граѓаните да го користат природниот гас во своите домови.

 

Придобивките од гасификацијата на скопски Чаир се неколкукратни, при што најважни се намалувањето на загадувањето на воздухот во Скопје и заштедата на финансиски средства од правните и физичките лица. Тендерот за избор на консултант што ќе ја изработи физибилити студијата беше објавен во април минатата година, на кој победи фирмата „Топлификација Инженеринг“ од Скопје, која го комплетираше документот во пропишаниот рок.