Стартуваше втората фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Свети Климент Охридски во Скопје. Во наредните четири месеци ќе се работи на потегот од крстосницата со булеварот Партизански одреди до улицата Димитрије Туцовиќ во должина од 380 метри. На овој сегмент булеварот ќе добие уште по една коловозна лента од двете страни (кон средишното зеленило), со што ќе се добијат вкупно шест коловозни ленти широки по 3,5 метри. Исто така ќе биде заменет постојниот асфалт на површина од 4.000 квадратни метри, ќе бидат формирани нови тротоари и велосипедски патеки од бехатон плочки, како и средишна жардиниера од префабрикувани елементи. Изведувач на градежните работи е „Гранит“, а инвестицијата е во висина од 30 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Град Скопје.
Во периодот од јуни до септември минатата година беше реализирана првата фаза на овој проект, која опфати проширување и реконструкција на булеварот на потегот од крстосницата со улицата Мито Хаџивасилев Јасмин до крстосницата со булеварот Партизански одреди, во должина од 524 метри.