Претходна статија
9,7 милиони евра за нов далновод кон Србија
Следна статија
Проектот „Купи куќа, купи стан“ повторно се промовира преку саем

Бугарски конзорциум ќе ја реконструира пругата Битола – Кременица

Објавено на 20.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Европската унија на неодамна завршениот меѓународен тендер избра бугарски конзорциум за реконструкција на железничката пруга од Битола до Кременица, со должина од околу 17 километри. Градежните активности ќе започнат на почетокот од 2015 година и треба да се одвиваат во временски период од 18 месеци. Вредноста на целокупниот проект изнесува 20 милиони евра, финансиски средства обезбедени од ИПА фондовите на ЕУ. Изведувачот на работите е должен да го промени горниот и долниот строј на неупотребливата пруга, да изгради нов железнички крак кон индустриската зона „Жабени“ и да изгради нова станица на оваа локација, да го реконструира стојалиштето кај селото Кравари, да изгради и рехабилитира девет помали мостови и 10 железнички премини и да постави сигнална и телекомуникациска опрема.

 

* Со проектот ќе биде опфатена и реконструкцијата на железничката станица во Битола

 

 

Со целосната реализација на овој железнички проект ќе се овозможи ново железничко поврзување од Битола кон нашиот јужен сосед, по кој ќе можат да се движат дизел локомотиви и товарни вагони од секаков тип со максимална брзина од 100 километри на час. Со проектот се предвидува и целосно санирање на железничката станица во Битола. Во договор со грчката државна железница, веќе е одлучено заедничка гранична станица да биде Кафкасос кај Меџитлија. Покрај за индустриски потреби, реконструираната пруга ќе можат да ја користат и граѓаните на Битола за патување кон Солун. Железничката линија од грчка страна е рехабилитирана уште од пред неколку години, со што се остава можност за воведување на патнички возови.

 

 

Бојан Блажевски