Македонија наскоро ќе го добие најголемиот трговски центар на својата територија. Една од најзначајните градежни компании во Бугарија, „ИСА 2000“, ќе гради огромен комерцијален комплекс на површина од 200.000 метри квадратни, пренесува порталот „Република“. Големиот трговски центар ќе го добие името Luxury Balkan Mall. Инвестицијата е тешка 50 милиони евра и се најавува дека ќе отвори 2.000 работни места. Објектот ќе биде лоциран во непосредна близина на аеродромот „Александар Велики“, во мултифункционалната зона Ќојлија.
* Мултифункционална зона Ќојлија
Бугарската компанија ја купи градежната парцела за трговскиот центар кон крајот на септември минатата година. За земјиштето со површина од 70.661 метри квадратни, таа плати 31.797.450 денари (околу 520.000 евра). Според досегашните информации, инвеститорот привршува со изработка на проектната документација. Ако се оствари најавената големина на трговскиот центар, Luxury Balkan Mall ќе се простира на повеќе од двојно поголема површина од досега најголемиот затворен трговски центар во земјава – Skopje City Mall во скопската населба Карпош 3.