Претходна статија
Прва фаза од реконструкцијата на Центарот за култура „Бели Мугри“ во Кочани
Следна статија
Приватен концесионер ќе го модернизира јавното осветлување во Брвеница

Бугарија и Македонија прават напори за железничко поврзување до 2023 година

Објавено на 17.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Државните железнички претпријатија на Македонија и Бугарија очекуваат да се поврзат две години порано од зададениот рок – 2025 година. Ова е основниот заклучок по денешниот состанок на директорот на Македонски железници-Инфраструктура Ирфан Асани и директорот на Бугарските железници Красимир Папукчиски. „Од наша страна веќе е почнат повик за избор на компанија за проектирање и благодарение на разбирањето меѓу двете соседни држави, вклучително и на нас како колеги, бараме начини да се најде варијанта 2023 година да имаме железничка врска со изградба на тунелот на Деве Баир“ изјави директорот на Бугарските железници.

 

 

Македонија треба допрва да ја заокружи финансиската конструкција за третата делница Крива Паланка – Деве Баир, во должина од 23 километри. Од неопходните околу 400 милиони евра, досега се обезбедени 60 милиони евра од европските ИПА фондови. „Првата фаза од Куманово до Бељаковце се гради, за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка сме пред распишување тендер за изградба, а за третата делница се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА програмата кои ќе бидат достапни многу бргу, а државата веќе преговара за обезбедување на останатите пари“ изјави директорот на МЖ-Инфраструктура.

 

Директорот Асани изјави дека веќе се изградени 8 километри нова пруга меѓу Куманово и Бељаковце, а се решени и 98% од проблемите со кои се соочиле во изминатиот период поврзани со експропријација на земјиштето. Овој дел од пругата веќе се користи за носење на репроматеријали за изградбата на самата железничка траса. Тој дополни дека во наредниот период ќе треба да се работи побрзо, особено за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. За една до две недели ќе започне претквалификациската фаза при изборот на најповолен понудувач, додека до крајот на годинава ќе се потпише договорот со изведувачот на градежните работи. Пругата Бељаковце – Крива Паланка ќе почне да се гради на пролет наредната година.