Претходна статија
Нов станбен објект на „Голден Арт“ во Аеродром
Следна статија
Ќе се реконструира трговскиот центар „Рамстор“

Брзата пруга Будимпешта – Атина како можен спас од Коридорот 4

Објавено на 02.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Најавите за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина ја заинтересираа и македонската влада. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во денешната изјава за телевизија „Алфа“ напомена дека земјава има интерес за овој проект и дека неговата изведба би требало да не чини околу 1 милијарда евра. Првичните проценки за трасата на која би се движеле супер брзите возови се направени, но допрва ќе треба да се анализира дали проектот би бил исплатлив за нашата земја. За реализација на брзата пруга, која од Будимпешта преку Белград, Скопје и Солун би се протегала до Атина, најверојатно дека ќе се побараат финансиски средства од Кина, при што веќе се водат преговори меѓу претставниците на оваа азиска земја и државните власти од Унгарија и од Србија. Со изградбата на овој проект, на трасата би се вовеле во сообраќај возови што ќе се движат со максимална брзина и до 300 километри на час.

 

 

 

Иако овој проект е само во најава и звучи само како спектакуларна информација од устата на балканските политичари, обемот на финансиски средства што Кина ги распределува на различни држави во изминативе неколку години, но и вистинската потреба за брз транспорт меѓу балканските земји, ја прави неговата изградба можна. Железничкиот сообраќај во моментов се наоѓа во незавидна состојба во Македонија и во Србија, при што брзината на движење на возовите долж пругата од Коридорот 10 на многу малку делници надминува 80 километри на час. Истовремено, Европската унија веќе неколку години наназад интензивно инвестира во изградбата на железничка линија од паневропскиот Коридор 4, кој од Будимпешта преку Темишвар и Софија ќе треба без постоечките граници да ја поврзе Европа со Солун и Атина.

 

 

 

Големиот железнички мост на Дунав меѓу бугарскиот град Видин и романскиот град Калафат веќе е ставен во функција, а Романија и Бугарија работат на реконструкција и на надградба на железничките пруги долж овој паневропски коридор, кој ја заобиколува нашата земја. Доколку се воспостави редовен патнички и товарен железнички сообраќај на оваа пруга што минува низ овие држави, тогаш коридорот низ Македонија ќе постане целосно неатрактивен, поради брзината на движење на возовите и граничните премини низ кои истите мора да минат. Со тоа, Македонија би се довела во опасност да прерасне во слепо црево во срцето на Балканскиот полуостров.

 

 

Идеите за изведба на нови пруги повторно се актуелизираат во документи

 

Речиси без никакво внимание во јавноста мина изработката на Студијата за оценка на влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти од реконструкција на железничката пруга на делницата Драчево – Велес од Коридорот 10. Овој документ изработен во текот на минатата година повторно ја актуелизира изградбата на хидроелектраната „Велес“, но и потребата за дислокација на дел од пругата меѓу Скопје и Велес, со можност за изградба на нова пруга, по која возовите би се движеле со брзина од 160 километри на час. Овој предлог стои во изготвената студија и истиот се базира на идејниот проект за изградба на двоколосечна пруга со брзина од 160 км/ч помеѓу овие два града, подготвен од Градежниот факултет од Скопје во 1989 година.

 

 

Без нова пруга не може да се гради проектот „Вардарска долина“

 

И покрај тоа што нема никакви конкретни ветувања за реализација, на веб – страницата на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и понатаму стои документот со информации за проектот „Вардарска долина“, кој вклучува изградба на 10 хидроелектрани долж реката Вардар. Во делот на изведбата на хидроелектраните „Велес“ и „Градец“, се истакнува дека постоечката железничка пруга со сигурност ќе биде поплавена при евентуалната нивна изградба и дека е неопходно да се размислува за нова железничка траса на паневропскиот Коридор 10. Покрај овие два капитални енергетски објекти, со проектот „Вардарска долина“ би се изградиле и хидроелектраните „Бабуна“, „Згрополци“, „Градско“, „Кукуречани“, „Криволак“, „Дуброво“, „Демир Капија“, „Милетково“, „Ѓавато“ и „Гевгелија“.

 

Случајно или не, токму кинезите лани го актуелизираа проектот за каналот Дунав – Морава – Вардар, со кој би се овозможило движење на бродови низ нашата најголема река кон Егејското море и кон Дунав. Иако и двата проекти се далеку од било какво конкретно остварување, првиот тест за нивната сериозност би бил Самитот на лидерите на земјите од Централна и од Источна Европа, што ќе се одржи во Белград во декември годинава. Тогаш треба да биде претставен конечниот проект за брзата пруга Будимпешта – Белград – Скопје – Атина.

 

 

Бојан Блажевски