Претходна статија
Во септември оглас за доделување на локациите за билборди
Следна статија
ТЕМА: Уште една изгубена година за железничкиот Коридор 8, планираните рокови се пробиваат

„Бошков мост“ и „Луково Поле“ повторно во фокусот на европските еколози

Објавено на 27.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Директорот за меѓународни односи на европската невладина организација „Бенквоч“ (Bankwatch) Петр Хлобил и Давид Питхарт, експерт по хидробиологија од чешкиот Институт за применета екологија „Дафне“, во текот на јуни ја посетија Македонија и Националниот парк „Маврово“, каде што е планирано да се изгради хидроелектраната „Бошков мост“ и браната „Луково поле“. Според публикуваниот текст од Петр Хлобил на интернет – страницата на невладината „Бенквоч“, надлежните во Националниот парк предлагаат промени во заштитените подрачја, прилагодени за реализација на двата проекта. Хлобил констатира дека евентуалната изградба на акумулацијата „Луково поле“ ќе ја уништи недопрената природна средина преку доведување на тешка механизација, но и поради крупните хидролошки зафати што треба да се спроведат, вклучувајќи го подигањето на браната и замислениот канал во должина од 20 километри што би требало да ги доведува водите од планината Кораб.

 

Зона на директен импакт на ХЕ Бошков Мост во рамки на Националниот парк МавровоЕколозите истакнуваат дека самата компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во сопствените документи за „Луково поле“ напоменува дека геолошките услови го прават посочениот терен најчесто несоодветен за изградба. Како последица на тоа, неопходни се суштински ускладувања на теренот, ископувања до карпестиот слој во длабочина од околу 4 метри, површна и подземна дренажа и други зафати. Гломазната градба на доводот и сервисните патишта ќе предизвика големо вознемирување на балканскиот рис, што ќе доведе до заминување на овој критично загрозен животински вид од локацијата. Хлобил во својот напис ги анализира и негативните еколошки аспекти од претстојната изградба на хидроелектраната „Бошков мост“, особено во поглед на загрозувањето на рисот, како и влошувањето на состојбата со биолошкиот минимум на вода во засегнатите водни текови. За „Бошков мост“ Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во моментов спроведува преиспитување на еколошките процедури поврзани со донесувањето на конечната одлука за овој зафат.

 

Изведбата на хидроелектраната „Бошков мост“ би чинела околу 107 милиони евра и би се финансирала од ЕБРД. Овој енергетски објект би обезбедил 117,54 гигават часови електрична енергија на годишно ниво. За реализацијата на проектот „Луково поле“ е планирано да се одвојат 62 милиони евра преку заем од Светската банка. Браната би била висока 71 метри, со должина на круната од 321 метри, при што во неа годишно ќе се слеваат околу 44,5 милиони метри кубни вода. Водниот потенцијал е планирано да се искористи за зголемено производство на електрична енергија во мавровските хидроелектрани. Конечните одлуки за одобрување средства од страна на ЕБРД за хидроелектраната „Бошков мост“, но и за кредитот за браната „Луково поле“ од Светска банка, ќе се донесат во текот на претстојнава есен.