Претходна статија
ТЕМА: Железничко поврзување на аеродромот и воведување на алтернативен јавен превоз се неопходни за Скопје
Следна статија
Започнува реконструкцијата на железничкиот Коридор 10

Борис Чипан – реч за неговиот животен пат и творечки опус

Објавено на 09.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Станав архитект навидум случајно, но имаше во мене нешто што во тој момент се склопи во една идеја“. Преку напластените зборови во едно од неговите последни интервјуа, на изворен и концизен начин, самиот ја опишува својата професионална животна патека со која влегува во историјата на македонската архитектура и градителство како признаен проектант, професор, автор и конзерватор. Борис Чипан како вљубеник во родниот Охрид, како единствен македонски студент по архитектура во предвоената четврта деценија од 20 век во Белград, како учесник во обновата на слободна Македонија, како конзерватор на манастирската црква Свети Пантелејмон, како проектант на зданието на МАНУ, како професор на Архитектонскиот факултет и како автор на бројни стручни дела.

 

 

 

 

Роден е на 27 март 1918 година во Охрид. Заминувањето во Белград за да го заврши средното школо му ја отвора вратата кон запишување на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград. Во екот на германската окупација и премрежјата низ кои минувала Европа, во 1941 година успеал да дипломира на тема „Центар за селска населба“ кај професорот Бранислав Коиќ. По завршувањето на високото образование, се вработил во Проектантското биро за нови железнички линии во Софија, каде што работел една година. Годините за време на бугарската окупација и конечното ослободување ги минал во Македонија. За светлиот момент од нашата историја Чипан ќе истакне: „По војната во Македонија имаше само четири архитекти. Освен мене архитекти беа уште и Сотир Томовски, кој дипломирал во 1923 година и имаше пракса, хрватот Михо Чакеља и Иван Артемушкин, кој беше бегалец од Русија“. Цифрата на стручни дејци најдиректно ја опишува извонредно тешката задача што ја добил за себе во исклучителниот историски период.

 

Како инженер во војската бил одреден да гради мостови во периодот од 1944 до 1945 година, а од првиот човек на Министерството за градежи, Чипан добил задача да учествува во обновата на разрушените села во Македонија. Во 1946 година бил назначен како референт за архитектура и урбанизам во Градскиот народен одбор, а во периодот 1947/48 година влегол во оперативата на ГП „Скограп“. Тој навлегува во конзерваторските води во текот на 1949 година, кога бил поставен за прв директор на Заводот за заштита на културни споменици. Истата година е избран за хонорарен професор по историја на уметност на Техничкиот факултет во Скопје. До заминувањето во пензија, Борис Чипан активно ќе учествува во создавањето нови генерации архитекти, со што остава неодминлива трага во севкупниот развиток на македонската архитектура. Бил сведок на создавањето на Архитектонско – градежниот факултет во Скопје и негов декан во периодот 1969 – 1971 година.

 

Од неговата богата публицистичка дејност неодминливо е спомнувањето на неколку размислувања преку кои визионерски успева да ги опише состојбите со градителството во Македонија што се провлекуваат до денешнината. Во трудот „Изразни средства на современата архитектура во градови со историско наследство“ издаден во 1970 година наведува: „Денес старите населби се загрозени од нова опасност. Стопанскиот стандард на македонскиот граѓанин знатно се зголеми, а потребата за замена на стариот станбен фонд стана акутна поради материјалната дотраеност на старата куќа. Се чини, меѓутоа, дека силите на архитектурата не напредуваат заедно со стопанскиот просперитет. Во таква ситуација загрозени сме од опасна дилема да го изгубиме драгоценото архитектонско наследство и да го замениме со нов фонд од се` уште незрела архитектура или да прибегнеме кон непопуларна, животно неаргументирана административна мерка на музејско чување“.

 

Борис Чипан ја нагласува врската помеѓу традицијата и современоста во архитектурата преку апсолвирање на регионалните посебности. „Можностите за остварување на успешни контакти помеѓу историската и современата архитектура реално се можни токму во сферите на овие фактори кои го предизвикуваат нејзиното регионално диференцирање. Природните и климатските услови се исти за сите епохи, а етничките особини на еден народ, исто така, се единствени низ времето. Како и во минатото, овие фактори треба да бидат вклучени и во современата архитектура“.

 

 

* Зградата на МАНУ

 

Во неговиот животен пат неодминливо е враќањето кон родниот град Охрид. Преку сопственото творештво се стационира на вечно присутните проблеми со заштитениот град на културата од страна на УНЕСКО. На страниците од еден од своите трудови ќе запише: „Урбанистичката студија во графичкиот дел предлага и решение на партерот. Колскиот сообраќај, како дел од ставот во врска со целиот стар град, мора да биде третиран со значителни ограничувања. По правило, целиот јавен транспорт се запира на паркингот до Горна Порта. Меѓутоа, во комплексот внатре, водени се мали патишта за колски промет со пристап до училиштето, метеоролошката станица и галеријата со музеј. По овие патишта ќе можат да се движат само службени возила и тоа само во одреден временски период. Таков режим треба да обезбеди целиот комплекс, во неговиот поголем дел, да биде простор за пешаци“.

 

За својот Охрид, архитектот Чипан во трудот „Специфики на урбанистичкиот израз во Охрид и Струга“ издаден во 1978 година, ќе забележи: „Во туристичката сезона градот е преоптоварен, а во зимскиот период премногу е растоварен. Еднаш е преполн, а друг пат е празен. Во едниот период врие од живот, во вториот период е полумртво мирен. Се разбира, урбанизмот не е маѓепсничка дисциплина која овој конфликт може да го реши со волшебно стапче. Во таа смисла, напорите за таканаречено продолжување на сезоната и активирање на сите типови на зимски туризам, можен и во ова подрачје, остануваат како единствен императив. Доколку во оваа смисла повеќе се успее, дотолку проблемот за полно – празно ќе стане се` помал и помалу забележан“. За жал, неговите иновативни предлози од пред неколку децении сеуште не нашле вистинска подлога кај македонскиот естаблишмент.

 

Најнаградуваниот белег од творештвото на Борис Чипан е зградата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), за која ја добива најпрестижната југословенска награда за архитектура „Борба“. Доајенот на македонската архитектура излегува и со свој став кон сопственото чедо, запрашувајќи се самосвесно како лично да го објасни истото. „Залудно е да се бараат аналогии по содржини. Академијата е монумент на современата и идната македонска наука и уметност. Помислувам на тврдина и ми се чини премногу студено. Шареноликата декорација на византиската црква би била демагогија. Ги отфрлам сите конкретизирани аналогии и се препуштам на: нагонот, кој во себе има веќе наталожено многу средби со историската архитектура. И кога делото е завршено, откривам дека во манастирските конаци на Св. Јован Бигорски стариот македонски мајстор создал импресивна монументалност во костен – дрво. Согледувам „чардак ни на небо, ни на земја“ од народните сказни, а во ентериерот, наместо студената празнина од феудалниот дворец, е создадена топлата интима на патријархалниот македонски дом“.

 

 

* Црквата Св.Софија во Охрид

 

Борис Чипан во последните неколку години во неколку наврати му опонираше на проектот „Скопје 2014“. Уште од пред откривањето на идејата за целосна промена на централното градско јадро на Скопје, еден од најпознатите македонски архитекти предупредуваше во своите трудови дека сеуште постојат сегменти од јавноста кои на архитектурата гледаат исклучиво низ призмата на традицијата и враќањето кон минатото. Во предговорот од книгата „Традиција и современост во архитектурата“ публикувана во 2005 година, ќе одекнат зборовите кои ќе го наговестат потегот на сегашната владејачка гарнитура. „И во денешно време се чудам колку културни и образовани луѓе, ако се дискутира на нашава тема, со нескриена носталгија зборуваат само за минатото како да може да се врати и живее! Во современото Скопје и денес упорно се форсира идејата за реставрација на стариот срушен театар и тоа во потполно загубениот првобитен контекст“.

 

Заокружувајќи го севкупното творечко дејание низ патеката на животот, тој во една од своите публикации длабоко филозофски ќе се искаже: „Има луѓе што ме прашуваат каков е архитектонскиот стил на нашево време, како да има човек што прецизно ќе ги издиктира правилото и рецептот за правење архитектура, слично на рецептот за вкусно јадење. Архитектурата – како и самиот живот – е во непрекинато движење и процес. Таа никогаш не постигнала високо ниво ако се одвојува од животните текови и ако подлегнува на правила и прописи. Најдобриот модел од денес за утре е застарен и преминува во имагинација“.

 

 

* Стоби

 

 

 

Позначајни објекти од неговото архитектонско творештво се:

 

1954 – Студентското летувалиште на Феријалниот сојуз во Охрид;

1956 – Судските згради во Штип, Велес и Битола;

1959 – Управната зграда со ресторан за фабриката „Наум Наумовски – Борче“ во Скопје;

1959 – Повеќесемејна станбена зграда со дуќани на ул. Ѓуро Салај“ во Скопје;

1964 – Главната Автобуска станица во Скопје;

1976 – Објектот на Македонската академија на науките и уметностите „МАНУ“ во Скопје;

 

 

Извршил подготовка и конзервација на следниве објекти од историското наследство на Македонија:

Антички град – Стоби, Даут – Пашин амам и Куршумли ан – Скопје, црква Св. Софија – Охрид и манастирската црква Св. Пантелејмон – Нерези.

 

 

Во текот на плодната творечка кариера ги добил следниве награди:

1977 – 11-ти Октомври, за едногодишно остварување;

1977 – Борба, за објектот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ);

1978 – 7-ми Ноември, за животно дело, Охрид;

1983 – 11-ти Октомври, за животно дело;

1990 – Андреја Дамјанов, од Сојузот на архитектите на Македонија (САМ);

 

 

Автор е на неколку публикации со кои дава несомнен придонес во развојот на оваа област од издаваштвото:

 

1955 – Стара градска архитектура во Охрид;

1961 – Историско – урбанистичка архитектонска студија за Охрид и Струга;

1970 – Изразни средства на современата архитектура во градовите со историско наследство;

1978 – Македонските градови во XIX век;

1986 – 111 тези за архитектурата;

1996 – Света Софија – катедрален храм на Охридската Архиепископија;

1998 – Текстови за архитектурата;

2001 – Долни Сарај, епизода од историјата на Охрид со Џеладин бег;

2005 – Традиција и современост во архитектурата;

2008 – Моето време во Македонската архитектура;