Обземени од формата, сите ние понекогаш забораваме на суштината на нештата. Ентериерното комплетирање на домот и работната просторија е слатка мака на архитектите и чекор напред во исполнувањето на сонот за удобно живеалиште на семејството. Плочките, паркетот или теписите се најчестите работи на кои најпрвин помислуваат луѓето при обликувањето на сопственото семејно или работно катче. Подлогата на која ќе се нанесува подот често се става во втор план, иако таа претставува „срцето“ на тлото на кое чекориме. Ненамерниот пропуст доаѓа како тема на разговор дури откако ќе започнат бројните неволји.
Употребата на цементната кошулка досега беше нашироко прифатена во Македонија. Меѓутоа, нејзината намена за добивање на мазна и рамна површина изостануваше. За да се добие идеална површина на истата, треба да се употребат дополнителни алатки и работна сила, да се вградат посебни градежни материјали, а целокупната постапка чини додатно време, напор и финансиски средства на инвеститорот.
Самонивелирачката гипсена кошулка на германскиот производител Кнауф е вистинското решение за модерните градби. Се работи за материјал што се развива во последниве 50 години и претставува фабрички произведен сув раствор кој се подготвува со чиста вода, машински се меша и се нанесува на подот. Благодарение на револуционерниот состав и начин на изведба, естрихот е доволно течен со што секогаш создава хоризонтална и идеална мазна површина на подот. За разлика од конкуренцијата, временските прилики не го попречуваат процесот на негово нанесување бидејќи се работи за производ на база на гипс, така што градежните работи може да се одвиваат на секаква надворешна температура.
Самонивелирачкиот естрих овозможува одличен контакт со сите околни елементи. Тргнувајќи од оваа особеност, производот на Кнауф може да се употребува при изведба на најсложените и најпребирливи подни системи. Идеален е за поставување на подно греење во објектите, бидејќи не создава заробен воздух, т.е. воздушни џебови кои го оневозможуваат целосното предавање на топлинска енергија во просторот. Без разлика дали ќе се одлучите за паркет, ламинат или плочки, Кнауф самонивелирачкиот естрих ќе ви обезбеди врвна звучна, топлинска и противпожарна изолација на подниот систем.
Самонивелирачкиот течен естрих е понов производ на компанијата Кнауф кој ја пронајде својата позиција на македонскиот пазар. Само во новиот административен објект на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вградени се околу 350 тони од иновативниот материјал на површина од 5.000 метри квадратни. Течниот естрих на Кнауф го пронајде сопственото место и во првиот нискоенергетски објект во Струмица на инвеститорот „Експро“, здание кое е уникатно и единствено во Македонија по тоа што заштедува 90% од енергијата, односно троши само 15 kWh на метар квадратен. Покрај во репрезентативните објекти, производот ја најде својата примена и кај помалите градби, најчесто семејните живеалишта, во повеќе градови од републиката.
Кнауф самонивелирачкиот естрих е сигурен и докажан избор не само при изведба на подните системи кај новоградбите, туку и при санација на дамнешно изградените објекти. Дотраените и нерамни подови од дрво, бетон или било кој друг материјал, со помош на течниот естрих се претвораат во интелигентни подни системи со беспрекорни карактеристики. Кај Кнауф системите за течни кошулки, во зависност од тоа кој производ на компанијата се употребува, има можност за изведување на површини од 250 до 800 метри квадратни без употреба на дилатациона фуга, зафат што е значително покомплициран кај обичните цементни кошулки каде максималната површина што може да се добие без фуги изнесува 40 метри квадратни.
Производот е адаптиран за да може да се употребува на поголеми, но и на помали површини со употреба на професионални градежни машини за мешање на смесата, но истата може да се добие и со помош на рачен миксер или бетонска мешалка. „Начинот на приготвување секаде е идентичен, една вреќа од 40 килограми од подготвениот естрих се меша со 7 литри вода, при што нема никаков проблем да се употребат различни начини за пренесување на течниот материјал до површината за леење, дури и со обична кофа“, истакнува Јусо Пепиќ, комерцијално – технички советник во компанијата Кнауф.
Покрај крајните потрошувачи, благодет од течниот естрих имаат и градежните работници на терен. При изведувањето на подот работникот не клечи на колена, туку стои исправено. Иновативниот производ е супериорен во однос на големата површина што може да се заврши за кратко време. Дневниот капацитет на нанесување на самонивелирачкиот естрих изнесува 1.000 метри квадратни, потег што е незамислив при изведувањето на обичниот цементен естрих. Значајно е што специјалните машини за подготовка на смесата PFT G4 и G5 имаат капацитет да ја достават целокупната количина до потребната просторија во висина од 30 метри во рамки на објектот. На тој начин, се избегнуваат дополнителните финансиски трошоци и работна сила за пренесување на градежните материјали низ објектот.
Во споредба со обичната кошулка, голема предност на течниот естрих е брзото сушење на нанесениот материјал. Составот на материјалот овозможува брзо испарување на вишокот вода и целосна газливост на кошулката по 24 часа. После само 72 часа материјалот е подготвен за понатамошна постапка на изведба или санација на подниот систем со што се заштедува драгоцено време, особено при изведба на поголеми објекти.
„Германската компанија Кнауф има три вида на производи: FE 25, FE 50 Largo и FE 80, чија основа е калциум сулфатот“, напоменува нашиот професионален соговорник Јусо Пепиќ. Сувиот раствор се состои од анхидриди, специјални видови гипс и додатоци, како што е гранулираниот природен анхидрид или кварцниот песок. Самонивелирачкиот естрих може да се нанесува како врзивен естрих директно врз подлогата, естрих врз разделителен слој – фолија, естрих врз изолациски слој и естрих врз подно греење.
Подготовките и техниката на нанесување на течната кошулка се идентични при изведбата на сите видови подни системи. На веќе подготвена изолирана површина се поставуваат нивелети што се нивелираат со градежен ласер. Се прави одливок на смесата на радиус од 38 до 42 сантиметри. Материјалот со црева се транспортира до потребната просторија. Работникот стоечки го излива течниот естрих до висина на нивелетите, а по поставувањето со вибро летва два пати се порамнува нанесениот материјал. На вградената површина може да се чекори по 24 часа, а натамошната изведба на подот се одвива во согласност со пропишаната динамика и дебелината на естрихот. Кнауф подните системи се докажани во досегашната пракса и се комплетно решение за вашиот дом или работна просторија.