Претходна статија
„Бетон Штип“ со нови газди
Следна статија
Распишан уште еден оглас за пронаоѓање на инвеститор за Луна паркот

Бизнисот со билборди ќе трпи промени

Објавено на 02.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје денеска го објави најавуваниот јавен оглас за доделување локации за поставување на рекламни паноа, светлечки реклами и дигитални панели на неговата територија. Инсталирањето на билборди во иднина ќе биде поделено во четири зони. Од Одделението за односи со јавност информираат дека поделбата во четири пакети не значи дека еден оператор ќе добие закуп само во една зона, туку дека сите оператори кои ќе ги исполнат тендерските услови ќе имаат подеднаков број на рекламни паноа во сите четири зони.

 

#Во профитабилниот бизнис се очекува да влезат повеќе домашни и странски физички и правни лица, бидејќи во огласот јасно е нагласено дека еден понудувач може да учествува на сите лицитации, но му е дозволено да добие само еден пакет. Како посебен критериум е наведено дека нема да се толерираат основани друштва во кои други фирми имаат значајно, мнозинско или заемно учество, а кои веќе добиле еден од пакетите со локации за поставување средства за надворешно рекламирање, со што се оневозможува идентичен субјект да добие повеќе од една градска зона.

 

Рокот на одобрение за поставување на рекламни паноа е 15 години, со можност за негово натамошно продолжување. Лицитацијата ќе се одржи во просториите на Град Скопје на 20 ноември, а почетната цена за секој од понудените пакети во огласот изнесува 300.000 евра без вклучен ДДВ. Градските власти се надеваат дека по овој основ во локалниот буџет ќе се слеат минимум 1,2 милиони евра. Сите заинтересирани компании се должни најдоцна до 7 ноември да достават гарантен депозит во износ од 30.000 евра.

 

Најголем интерес од приватниот сектор се очекува да предизвикаат локациите во централното градско подрачје, каде е предвидено да се намали бројот на рекламните паноа, во согласност со зонирањето. Од локалната самоуправа објаснуваат дека во пешачките зони во центарот на Скопје ќе се постават ЛЦД билборди, кои ќе бидат новитет на нашите простори. Сите податоци поврзани со надворешното рекламирање на територијата на главниот град се содржани во неодамна изгласаната „Програма за поставување урбана опрема – рекламни паноа на подрачјето на Град Скопје за периодот 2012 – 2027“.

 

 

» Форумска дискусија на оваа тема