Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и битолската градоначалничка Наташа Петровска денеска извршија увид во реконструкцијата на битолската обиколница и во санацијата на свлечиштето на тој дел од патот. Проектот е во вредност од 1,5 милиони евра, а се очекува да биде завршен во рок од 8 месеци. Министерот Сугарески појасни дека проблемот со ромското население во близина на обиколницата ќе се решава со поставување на звучни бариери. ЈП за државни патишта веќе ја избра фирмата „ГЕИНГ КуК“ за изработка на 2,3 милиони денари вредната проектна документација за изведба на звучни бариери за битолската обиколница.
*Извор на фотографија: Општина Битола
Министерот Сугарески ги повика граѓаните на разбирање, посочувајќи дека е свесен за фактот дека возилата од магистралниот пат ќе мора да транзитираат низ Битола. Сепак, тој појасни дека изведувачите ќе направат напор градежните работи да се завршат и побрзо од договорениот рок за завршување на проектот.