Претходна статија
Се најде инвеститор и за „барокната“ зграда на Македонски железници
Следна статија
Турски „Аселсан“ ќе ги модернизира македонските патарини

Битола ќе се грее на парно најдоцна до 2017 година

Објавено на 22.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) работи на изработка на основниот и на инфраструктурниот проект за изградба на топлификационен систем во Битола, Могила и Новаци. Од државната компанија за „Билд“ велат дека по комплетирањето на проектната документација ќе се пристапи кон распишување на јавен повик за избор на градежна компанија што ќе го изведува системот, но во секој случај целокупниот проект би се реализирал најдоцна до 2017 година. „За реализација на проектот, поголемиот дел од средствата се очекува да бидат финансирани со кредит од германската KfW банка, а остатокот ќе биде сопствено учество на АД ЕЛЕМ“, истакнуваат од компанијата.

 

Со цел да се анализира оправданоста на изградбата на централен топлификационен систем во Битола и во околината, Институтот за енергетика и заштита на човековата околина „Екоенерг“ од Загреб изготви студија за избор и концепција на ваков систем базиран на топлинската енергија од РЕК „Битола“. Анализата на овој институт покажува дека со воведувањето на топлинска енергија за греење на дел од пелагонискиот регион, значително ќе се намали емисијата на штетни материи од согорувањето на масло за домаќинство, дрва и јаглен кај домовите кои ги користат овие енергенти за нивно загревање.

 

Од ЕЛЕМ потенцираат дека со изградбата на топлификациониот систем во битолскиот регион ќе се намали вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјава, а придобивка од проектот ќе имаат и земјоделците кои ќе можат да ги загреваат оранжериите во зимските месеци. Компанијата веќе ја заврши реконструкцијата на турбините на двата термоблока во РЕК „Битола“, проект во кој се инвестираа 4 милиони евра. На тој начин, целосно е овозможено регулирано одземање на пареа од енергетскиот објект и негово пренасочување кон топлификациониот систем.

 

 

Познат патот на движење на цевките до Битола

 

Компанијата „Енергосистем“ од Скопје работеше на инфраструктурниот проект за вреловодот и вреловодната дистрибутивна мрежа. Должината на транспортните вреловодни цевки ќе изнесуваат 12,5 километри, и тоа од излезот на термоелектраната до планираната препумпна станица во Битола. По должината на вреловодот ќе биде овозможено поврзување на населбите Новаци и Логоварди преку примопредавателни пумпно топлински станици, како и поврзување на стакленици. Од препумпната станица во Битола ќе се разгранува дистрибутивната мрежа низ целиот град, која треба да ја доставува топлинската енергија до битолските домови.

 

 

Бојан Блажевски