Битолското јавно претпријатие „Стрежево“ е во потрага по заинтересирани инвеститори за изградба на аква парк и други содржини за спорт и рекреација во населбата Довлеџик. Огласот за пројавување на интерес за реализација на овој спортско – рекреативен комплекс е објавен во текот на денешниот ден, додека приватните компании треба да ги достават своите пријави за интерес најдоцна до 20 фебруари. Јавното претпријатие ќе ја оценува сериозноста на заинтересираните партнери врз основа на доставениот бизнис план и инвестициона програма, по што ќе следува и натамошната постапка за доделување на договорот за воспоставување на јавно – приватно партнерство.
Ј.П. „Стрежево“ досега има изработено идеен проект за планираниот аква парк, а минатото лето беше изработена и физибилити – студија од страна на „Поинт Про Консалтинг“, во која е констатирано дека остварувањето идејата е исплатлива инвестиција. Новиот рекреативен капацитет во Битола би се простирал на површина од 5.000 метри квадратни, на локацијата на постоечкиот спортско – рекреативен центар „Довлеџик“.
Аква паркот ќе се гради во близина на сегашниот голем базен и истиот би се состоел од три тобогани со два пропратни базени, детски базен, базен со бранови, мрзлива река, кафе бар со лежалки, чадори и маси, како и пункт за информации, реквизити и за прва помош, тушеви, гардероби и тоалети. На годишно ниво аква паркот би можел да прими околу 80.000 посетители.