Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје ги објави резултатите од архитектонскиот Конкурс за изработка на идејно решение за идниот универзитетски кампус во скопската касарна „Илинден“. Тетовското архитектонско студио BH Architects се добитници на првата награда во вредност од 600.000 денари. Победничкиот труд е изработен од авторите Бленд Хасани, Наим Полиси, Лиса Јусуфи, Илија Паунков, Вјолца Абдији, Аделина Хасани и Газмир Зимбери. Втората награда не е доделена, додека оформеното жири се одлучи третата награда од 400.000 денари да ја додели на Студио – Ин инженеринг од Скопје.
*Победничкото идејно решение за идниот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“
Според објавените податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, на распишаниот Конкурс се пријавиле осум тимови со своите идејни решенија. За оценување на пристигнатите архитектонски трудови одлучуваше 14 – члена комисија, предводена од д – р Теута Кајтази Јашари. Самиот повик до архитектите беше распишан кон крајот на август годинава.
Идниот кампус за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ќе се простира на површина од 31.980 метри квадратни. За неговата изведба ќе биде обезбедена градежна парцела со површина од 22.280 метри квадратни. Покрај факултетските згради, во комплексот ќе се изгради и нов затворен базен со полу – олимписки димензии. Идниот државен универзитет во Скопје би имал пет факултети – Факултет за градежништво и архитектура, Факултет за технолошки науки, Факултет за информатика, Факултет за технички науки и Факултет за социјални науки.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk