Претходна статија
Нова фабрика вредна 6,5 милиони евра отворена во Општина Илинден
Следна статија
Автопатот Демир Капија - Смоквица се гради со инoвaтивните системи на Doka

Бесплатни проекти за типски куќи од денеска достапни за граѓаните

Објавено на 26.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Бесплатни проекти за изградба на типски куќи од денеска им се достапни на граѓаните и можат да се подигнат во Министерството за транспорт и врски и од веб страницата на министерството: www.mtc.gov.mk. Изборот се состои од шест типа на куќи – од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 метри квадратни, со приземје, или приземје и кат. Во проектите се опфатени сите фази во изградбата: статика, електрика, машинство и противпожарна заштита. Покрај намалување на трошоците за градење на овој начин ќе се намалат и роковите за добивање одобрение за градење, од причина што проектот ѝ е веќе познат на општината што го издава одобрението.

 

###

###

 

 

„Секој кој сака да гради куќа на пример од овој тип, ќе може од Министерството за транспорт да подигне готов проект и со него да поднесе одобрение за градење. Единствено инвеститорот ќе треба да изготви геодетски елаборат“, појасни денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, истакнувајќи дека постои и можност да се направи корекција на основниот проект во зависност од сопствените желби и потреби на инвеститорот. Според Мисајловски, со мерката не сакаат да создадат конкуренција на проектантските куќи, туку да им помогнат на граѓаните кои сакаат да заштедат во тек на градбата.

 

Министерството за транспорт планира да се направат слични проекти. „Многу луѓе се јавија во Министерството кои очекуваат да има и поголеми куќи, со различен габарит итн, така што сум убеден дека ќе го продолжиме проектот и во следните години“, рече Мисајловски. Од архитектонското студио „Лелелеле“, кои согласно конкурсот го изработија идејното решение за типските куќи со основен проект, информираат дека проектантите се отворени за соработка и консултации за позиционирање на објектите на соодветната локација.

 

„Проектите задоволуваат високи критериуми на енергетска ефикасност (А класа), едноставен конструктивен систем, квалитетни материјали со повисоки перформанси, економичен систем на греење, материјали кои создаваат пријатна микро клима. Навидум типски, но базирани на широк спектар на варијабли, со цел самите инвеститори да внесат дел од сопствениот дух при создавањето на сопствениот дом“, велат од архитектонското студио. Во рамки на предложените правила, според проектантите, инвеститорите имаат можност да направат своја комбинација при избор на завршни материјали и бои (кров, фасада, прозори, партер и сл), задржувајќи го естетскиот предложен аспект.