Претходна статија
Се продаваат две парцели за изградба на станбени згради во Аеродром
Следна статија
Летово ќе профункционира Центарот за управување и контрола на сообраќајот во Скопје

Бесплатен паркинг за граѓаните од Центар, проблемите остануваат

Објавено на 12.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Жителите на општина Центар добија неограничено бесплатно паркирање на паркинзите со кои раководи претпријатието „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ). За да го остварат своето право, граѓаните кои имаат поднесено или треба да поднесат барање за добивање повластена паркинг карта, во наредниот период ќе мора да склучат нов или да ги обноват постоечките договори. Одлуката важи за секој граѓанин што има по еден автомобил, но и за семејствата кои имаат повеќе од еден автомобил што се водат на различни имиња. Јавното претпријатие ќе продолжи да функционира со наплата на паркинг на граѓаните што не живеат во оваа општина, а пајак возилата и понатаму ќе ги креваат непрописно паркираните возила.

 

 

 

 

Во меѓувреме, спорот за тоа кој треба да раководи со јавните паркинзи во центарот на Скопје повторно се продлабочува. „Градски паркинг“ сака да ги одземе површините со кои во моментов управува локалното јавно претпријатие. „За напуштање на паркиралиштата со кои стопанисува јавното претпријатие имаме упатено допис за нивно напуштање уште минатата година во месец јули за време на претходното раководство“, се истакнува во денешното соопштение на „Градски паркинг“. Директорот на „ПОЦ“, Саша Богдановиќ денеска изјави дека градското претпријатие сака да ги преземе паркинзите во Дебар Маало, Буњаковец и Дом на градежници. Според евиденциите на општина Центар, Град Скопје и „Градски паркинг“ досега немаат уплатено ниту денар за комунална такса од досегашното наплатување за паркинг на граѓаните.

 

И додека двете претпријатија се расправаат, граѓаните мака мачат со определување на стопанственикот на паркинзите во централното градско подрачје. Вистински пример за хаосот со паркирањето е просторот долж булеварот „ВМРО“. Од страна на главната пошта, во моментов со паркингот управува „Градски паркинг“, додека од страната на Градски ѕид постојат два споени паркинга, при што секој од нив е управуван од различно претпријатие. Конфликт помеѓу „Градски паркинг“ и „ПОЦ“ се појави и во текот на минатото лето, кога двете претпријатија истовремено наплатуваа паркинг во Дебар Маало.