По првиот неуспешен тендер во јуни годинава, Агенцијата за млади и спорт конечно пронајде градежна компанија што ќе го изгради ветениот затворен базен во Охрид. Во конкуренција на две пристигнати понуди, скопската фирма „Бауер БГ“ е избрана за изведувач на градежните работи. Во наредните две и пол години е предвидено да се изгради спортски објект со два базени, фитнес-клуб, продавница за спортска опрема, кафе-бар, центар за здрав живот, магацински простор и простор за комерцијални намени. Идното здание е зацртано да се протега на површина од околу 30.000 метри квадратни.
Главното базенско корито ќе биде со димензии од 33 х 25 метри и со стандардна длабочина од 2 метри. Малиот базен во објектот е предвидено да има димензии од 12,5 х 6,25 метри. При изградбата на ова спортско здание ќе се применуваат иновативни решенија. Загревањето на објектот ќе се реши со инсталирање на геотермални пумпи и соларна електрана, кои ќе овозможат употреба на обновливите извори на енергија за негово загревање и ладење. Плановите се затворениот базен да ги задоволи и пропишаните мерки за енергетска ефикасност.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk