Министерството за образование и наука ја избрало градежната фирма „Бауер БГ“ од Скопје за изведувач на новото основно училиште „Димитар Македонски“ во скопската населба Лисиче. Договорот со компанијата е потпишан на 29 мај, а градежните работи ќе треба да се комплетираат во рок од 13 месеци. За објектот со површина од 2.840 метри квадратни ќе се одвојат над 56,3 милиони денари од државниот буџет. Најповолниот изведувач бил избран во конкуренција на вкупно 15 компании што доставиле понуди.
Изградбата на новата училишна зграда за училиштето се одложува повеќе од осум години наназад. Учениците веќе неколку децении ја следат наставата во привремени бараки изградени по земјотресот од 1963 година. Идниот објект ќе треба да има капацитет за да прими 700 ученици во две смени.