Претходна статија
Се продаваат парцели во зоната „Речани 2“ и на езерото Младост
Следна статија
Граѓаните поднесоа 306.000 барања за откуп на своите дворови

Барокот на „Водовод“ оди под хипотека за да се доврши зградата

Објавено на 22.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Новата административна зграда на Ј.П. „Водовод и канализација“ која се гради под скопското Кале, веднаш до новата Градска куќа [»мапа], ќе биде ставена под хипотека за подигнатиот кредит од Комерцијална банка за нејзиното довршување. За овој чекор на јавното претпријатие денеска одлучуваа советниците од Советот на Град Скопје, и тоа по речиси шест месеци од донесеното решение за кредитно задолжување во висина од 7,3 милиони евра. Директорот на „Водовод и канализација“ Бојан Василевски изјави дека вкупната цена на барокното седиште покрај реката Вардар ќе биде 9,5 милиони евра, вклучувајќи го и ентериерното уредување. Рокот за враќање на подигнатиот кредит во износ од 450 милиони денари изнесува 10 години.

 

Во текот на 2012 година објектот интензивно се градеше, но потоа работите стагнираа (архивска фотографија - декември 2012)Опозициската партија СДСМ на денешната седница на Советот се спротивстави на одлуката за давање под хипотека на недовршената зграда. Советникот Драги Давчевски побара да се прекине натамошната изведба на објектот, истиот да се продаде, а парите од продажбата да се употребат за купување на нов и поскромен објект. Ваквиот предлог на опозицијата не наиде на поддршка меѓу владејачкото мнозинство. Зградата кој има пет ката (висина од 21 метар) и три подземни нивоа се гради веќе полни три години. Досега е завршена нејзината карабина, а градежните работници периодов работат на поставување на енергетски ефикасна фасада, врз која понатаму ќе се лепат барокните елементи со кои ќе се добие посакуваниот изглед во согласност со проектот „Скопје 2014“.

 

Новото седиште на „Водовод и канализација“ ќе има корисен простор со површина од над 10 илјади метри квадратни, од кој половината се наоѓа во подземниот дел на објектот, каде што ќе има и гаража со капацитет за 138 возила. Градежните работи на терен ги изведува компанијата „Алдинг Инженеринг“ од Скопје, врз основа на изработеното идејно решение од архитектот Жарко Чаушевски.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект