Претходна статија
Приватник ќе го гради новиот охридски пазар
Следна статија
Се подготвува терен за комплексот на Субрата Рој во Љубаништа?

„Барокно“ Скопје го открива современо Кумамото

Објавено на 26.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Музејот на Град Скопје до 4 октомври е домаќин на изложбата со наслов „Кумамото Артполис – архитектура преку комуникации“ преку кој граѓаните можат да се запознаат со авангардниот проект за изградба на десетици јавни и приватни објекти во префектурата Кумамото во Јапонија. Гувернаторот на префектурата Марихиро Хусокава, заедно со јапонскиот архитект Арата Изосаки, во 1988 година го основаа движењето Артполис, чија основна идеја била создавање на архитектонска култура во префектурата Кумамото преку овозможување на бројни јапонски и светски архитекти да ги преточат сопствените замисли во конкретни зданија во реалноста.

 

* Tamana City Observatory Museum

 

 

Покрај Арата Изосаки, во осмислување и организација на проектот учествуваат и еминентните архитекти Теичи Такахаши и Тојо Ито. Две и пол децении подоцна, Кумамото претставува отворен музеј на современата архитектура со реализирани 73 зданија до 2007 година, но воедно и значаен образовен центар за едукација на нови архитекти кои црпат инспирација од иновативните решенија.

 

* Mamihara Bridge

 

 

Скопската јавност во деновите што претстојат може да се запознае со архитектонските замисли за подигнатите музеи, полициски станици, мостови, јавни тоалети, станбени комплекси, индивидуални куќи и други објекти. Изведбата на објекти во склад со околниот простор и почитувањето на природата се основните идеи што се споменуваат во речиси сите објаснувања на проектните решенија.

 

* Kumamoto Kita Police Station

 

 

За извонредноста на архитектонските трудови, меѓународно познатите автори добиле бројни јапонски и меѓународни награди на претставувањата во светот. Зборовите на професорот Кијохару Хориучи од Универзитетот во Кумамото силно одекнуваат во каталогот од актуелната архитектонска изложба: „За да создадете добра архитектура, неопходно е најпрво да изберете добри архитекти“.  Изложбата „Кумамото Артполис – архитектура преку комуникации“ е бесплатна за сите граѓани што ќе се одлучат да го посетат Музејот на Град Скопје.