Претходна статија
17. Денови на Орис ќе се одржат на 14 и 15 октомври во Загреб
Следна статија
Започнува изградбата на затворениот градски пазар во Велес

„Барокните“ факултети во УКИМ се градат без никаков застој

Објавено на 05.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Изградбата на двата „барокни“ факултети во Универзитетскиот центар – Скопје продолжува без никаков застој и по промената на централната власт. Во изминативе неколку месеци се изведоа по три надземни нивоа од новите факултетски згради, кои веќе доминираат во околниот простор. Овие објекти од проектот „Скопје 2014“ се градат на местото на кое во минатото бил предвиден Студентски културен центар за главниот град. На еден од двата објекта веќе се изведуваат надворешните ѕидови, а со ваквото темпо на работа за само неколку месеци ќе се заврши целосната карабина на овие објекти.

Инвеститор во овие два објекта е Министерството за образование и наука, коешто има издвоено 1,2 милијарди денари за нивната изградба. Градежните активности на терен ги изведува штипската фирма „Бетон“. Зградите се градат на некогашното парковско зеленило, кое никогаш не било предвидено за оваа намена. Во Универзитетскиот центар – Скопје ќе се сместат Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за спортско образование, спорт и здравје на површина од 11.238 метри квадратни.

 

Покрај тоа што се градат на местото на Студентскиот културен центар, двете факултетски згради во изминативе неколку години беше предвидено да се градат на други локации. Факултетот за спортско образование требаше да се гради на местото на постојните бараки во подножјето на Водно, додека за ФИНКИ уште пред повеќе од една деценија беше предвидена друга локација за изградба на факултетската зграда. Изведбата на двата „барокни“ факултети во Универзитетскиот центар – Скопје е во спротивност и со ставот на авторот на оригиналниот проект за овој комплекс.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk