Претходна статија
„Гранит“ ќе го гради патот до Сончев град
Следна статија
Пропадна обидот за изработка на физибилити студија за дистрибутивната гасоводна мрежа

Автопатот Велес – Катланово ќе се реконструира со средства од ЕУ

Објавено на 19.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автопатска делница Велес - КатлановоАвтопатската делница Велес – Катланово е еден од најпрометните патишта во Македонија, но истовремено и критична точка во сообраќајната мрежа на земјава, поради стариот и дотраен асфалт преполн со дупки. Министерството за транспорт и врски денеска излезе со соопштение, во кое се најавува темелна реконструкција на целата траса во должина од околу 24 километри. Проектот е одобрен од страна на Делегацијата на Европската унија во државава, а на официјалната интернет – страница на ЕУ се објавени најавите за распишување на тендерите за избор на изведувач и надзор. Во претстојниов период ќе биде објавен меѓународниот тендер, при што до крајот на 2013 година би можела да биде позната компанијата која што ќе ги реализира активностите на терен.

 

Грантот од европските ИПА фондови за овој проект изнесува 7,8 милиони евра, со што ќе се покријат 85% од трошоците за изведување на градежниот зафат. Македонската влада ќе ги обезбеди останатите 15% од неопходните средства преку државниот буџет. Со проектот е предвидено целосно да се обнови асфалтот по целата должина на делницата, да се постават нови браници и заштитници покрај патот, проблемот со одроните на патот да се реши со нови заштитни мрежи, а зацртано е да се обнови и постоечката хоризонтална и вертикална сигнализација. Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта за 2011 година, на овој автопатски сегмент во просек минувале по 10.897 возила дневно.