Претходна статија
На 19 февруари ќе се одржи „Share Skopje 2019“ во Македонска филхармонија
Следна статија
Увозот на возила лани ги срушил рекордите за последните пет години

Автопатот Скопје – Блаце ќе биде изграден во рок од три години

Објавено на 11.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонската влада денеска го официјализираше почетокот на изградбата на новиот автопат од Скопје до граничниот премин „Блаце“. Проектот е поделен на два дела, при што првата подделница од самата граница до клучката „Блаце“ кај локалниот пат кон ова село треба побрзо да стартува со изградба. Средствата за градба и надзор се веќе обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта, така што првите 2 километри од овој автопат се очекува да отпочнат годинава. Проектот денеска беше претставен од вицепремиерот Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, тим лидерот на проектот Мартин Осборн и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

 

 

Како што се наведува во соопштението од владината прес – служба, за автопатот Скопје – Блаце се обезбедени неповратни 1,3 милиони евра од ИПА фондовите на ЕУ, а побарана е и поддршка во рамките на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) од 27 милиони евра за изградба на целата делница. Овие средства ќе бидат неопходни за реализација на втората подделница од планираната клучка „Блаце“ до постојната клучка „Стенковец“ на скопската обиколница, чија должина ќе изнесува околу 10,5 километри.

 

Изградбата на автопатот Скопје – Блаце се очекува да се заврши во рок од три години. Подолгиот временски период за изведба на градежните работи произлегува од сложениот градежен проект, кој опфаќа изведба на 4 тунели со должина од околу 4 километри, 8 мостови и други придружни објекти. Автопатската делница ќе треба да се поврзе на косовска страна со автопатот „Арбен Џафери“, со што ќе се овозможи меѓу Скопје и Приштина да се патува за максимум 45 минути. Од македонската страна на границата, Градот Скопје планира да изгради целосно нов булевар на потегот меѓу Момин Поток и клучката „Стенковец“, со што ќе се овозможи непречен проток на возила долж целата траса на нашата територија.

 

Во меѓувреме, Република Косово и тамошниот изведувач „Бехтел – Енка“ забрзано ја градат последната и најтешка подделница од автопатот „Арбен Џафери“ меѓу Качаник и Генерал Јанковиќ. Косовската влада очекува оваа делница да биде завршена во првиот квартал од 2019 година, со што официјално ќе се пушти во употреба автопатот меѓу Приштина и Скопје од тамошната страна на границата.