Претходна статија
Забрзано се работи на реконструкција на фасадите на 11 објекти во центарот на Скопје
Следна статија
Нова шанса за проектот Сончев град

Автопатот кон Штип ќе почне да се гради на почетокот од 2013 година, Коридорот 8 ќе почека

Објавено на 24.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автопатот М-4 кај МиладиновциМинистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во денешното интервју за интернет – порталот „економски.мк“ најавува изградба на автопатски делници за поврзување на главниот град со Охрид и со Штип, по пат на кредитно задолжување преку кинеската Експорт – импорт банка. Покрај веќе донесената одлука за изградба на автопатот Гостивар – Кичево по пат на концесија од страна на приватен инвеститор, министерот Јанакиески се надева дека со евентуалниот заем од кинеска страна би можело да се изградат делниците Кичево – Охрид, Охрид – Св. Наум, Миладиновци – Штип и Штип – Кочани. За првата половина од 2013 година е предвиден почеток на изведбата на автопатот Миладиновци – Штип, додека за делниците од патниот Коридор 8 и за автопатското поврзување со Косово тој не наведува конкретни временски рокови. „Очекуваме наскоро да ги комплетираме процедурите и во првиот квартал од 2013 година да започнат градежните активности на делницата Миладиновци – Штип, за која и веќе е изработена целокупната документација“, истакнува министерот Јанакиески.

 

Изнесениот проект за развој на патната инфраструктура во моментов е на ниво на Меморандум за разбирање, потпишан помеѓу македонската влада и Експорт – импорт банката на Народна Република Кина. Паралелно со напорот за обезбедување на финансиски средства од страна на владата за овие делници, консултантската куќа ИФЦ веќе започна со изработката на концесискиот модел за автопатот Скопје – Гостивар – Кичево, со кој треба да се изнајде приватен партнер за изведба на автопатската делница од Гостивар до Кичево, но и одржување и наплата на патарините на веќе изградените две делници од Скопје до Гостивар. Временската рамка за спроведување на постапката за советување на македонската влада, изработка на моделот за концесија и реализација на изборот на најповолен понудувач е најдоцна до октомври 2014 година.