Претходна статија
„Скопски пазар“ доби градежна дозвола и ќе почне да го реконструира Бит - пазар
Следна статија
Светиклиментовиот универзитет на Плаошник му донесе кривична пријава на Паско Кузман

Автопатот Кичево – Охрид ќе се гради до 31 јуни 2021 година

Објавено на 21.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонската влада на вчерашната седница усвои одлука за склучување на анекс на договорот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид. Рокот за изведба на автопатот долг 57 колометри е продолжен до 31 јуни 2021 година. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција ги објасни причините за ваквото пролонгирање на проектот. Најпрво ќе треба да се направат измени во проектната документација, вклучувајќи го тунелското решение, препроектирањето на сите усеци, но и на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, плочести и цевасти пропусти.

 

 

Воедно, ќе се изработи проектна документација за деветте клучки на автопатот, коишто воопшто не биле предвидени со проектот по кој се гради автопатот во моментов. Допроектирањето ќе почне да се работи веднаш, по што стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде дополнителна цена на чинење на автопатот. По оваа фаза, од владата ќе го знаат финалниот дополнителен износ што ќе треба да се плати за доградба на автопатот Кичево – Охрид. „Тука сакам да нагласам дека овој анекс се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства бидејќи сѐ уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително“ изјави министерот Горан Сугарески.

 

Откако ќе завршат проценките, македонската влада ќе мора да склучи дополнителен анекс со кој ќе се регулира дополнителната сума што државата ќе треба да им ја исплати на Кинезите. Досегашната вредност на автопатот изнесуваше 374 милиони евра, но постои можност ваквата сума да биде надмината и за над 120 милиони евра. Сите овие средства ќе треба да се одвојат за корекција на неправилностите при досегашната изградба на инфраструктурните објекти, но и за изведба на сите клучки и дополнителна инфраструктура што не биле предвидени во првичниот проект.

 

Анексот на продолжување на договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид ќе треба да влезе во собраниска процедура и да се изгласа како Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните објекти за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид. Автопатската делница од Кичево до Охрид почна да се гради во февруари 2014 година, а ветувањето на претходната влада беше дека проектот ќе се заврши најдоцна до 31 јануари 2018 година.