Претходна статија
„Дивелоп Груп“ и „Инвестен“ ќе градат трговски центар и хотел кај граничниот премин Богородица
Следна статија
ХЕ „Света Петка“ започна со работа

Автопатот Демир Капија – Смоквица заглави во лавиринтите на Министерството за финансии

Објавено на 31.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Шпекулации низ медиумите за победникот, промена на условите за избор на најповолен понудувач во периодот одреден за донесување на финалната одлука, незадоволство кај домашните градежни компании, како и реакции на странските еколошки организации се само дел од проблемите кои се појавија околу тендерот за избор на најповолен понудувач кој би ја градел автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Речиси осум месеци се чека донесувањето на конечната одлука за тоа која странска компанија ќе ги извршува градежните работи на терен, при што никој од Министерството за финансии не сака да образложи кога ќе се заокружи целокупниот процес и која е причината поради која се пробиваат планираните рокови за проектот. Последните ветувања дека активностите за изградба на автопатот би започнале во текот на летните месеци дефинитивно ќе пропаднат, доколку наскоро не се финализира процедурата.

 

Тендерот за избор на најповолен понудувач за изградба на автопатот помеѓу Демир Капија и Смоквица беше објавен на 30 август минатата година. Рокот за аплицирање на компаниите заврши на 6 декември, а во текот на истиот ден од Министерството за финансии обелоденија дека понуди доставиле петнаесет странски компании. Одлуката за избор на победникот и потпишувањето на договорот беше планирано да се случи во првата половина на 2012 година, при што градежната механизација на терен веќе требаше да ги започне изведбените работи. Автопатската делница од Коридорот 10 е во должина од 28,6 километри и е составена од два тунела во должина од по еден километар, шест мостови, две клучки, пет надвозници, седум подвозници и 15 километри секундарна патна мрежа. Финансиските средства за зафатот се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и од ИПА фондовите на Европската унија.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект