Македонија се покажа како добар домаќин на осмиот по ред меѓународен натпревар на најдобрите ученици по сува градба од европските градежни училишта, кој вчера се одржа во скопското средно училиште „Здравко Цветковски“. Тимови на средношколци од 12 европски земји ги презентираа своите вештини и знаења во областа на сувата градба, а како најдобра на овогодинешното издание на „Кнауф јуниор трофеј“ се покажа екипата од Австрија. Веднаш по неа, на второто и на третото место следуваа средношколците од Литванија и Словенија, додека Македонија се пласираше на петтото место.
Паралелно со натпреварувањето, во хотелот „Плаза“ се одвиваше трибина помеѓу професорскиот кадар кој предава во европските средни училишта, на која се разменија искуства во реализацијата на наставата за насоката монтер за сува градба. Во рамките на нанастанот се говореше за постоечкиот интерес за упис на оваа стручна насока во градежните училишта, но беа дискутирани и идеи за натамошно усовршување на наставата со воведување на дополнителни практични часови.
„Изведувањето на сувата градба е сектор во градежништвото во кој се јавува недостиг на квалификувана работна сила, поради континуирано зголемување на примената на сувата градба“, нагласи директорката на училиштето „Здравко Цветковски“, Драгица Костадиновска. Поздравувајќи ги учесниците на манифестацијата, регионалниот директор на Кнауф, Тодор Деловски, ја истакна благодарноста за досегашниот развој на струката монтер за сува градба во македонските училишта. „Успеавме да ги мотивираме средните градежни училишта заедно со нас да ја осознаат потребата за ваков кадар и да го воведеме овој образовен профил во македонските школи“, изјави директорот Деловски. Македонските ученици секоја година ја имаат можноста да се запишат на струката монтер по сува градба во средното училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје, во струмичкото „Никола Карев“ се врши ушис на секои три години, а во зависност од интересот паралелки се отвораат и во други градови во државава.