Некогашното корзо во скопската населба Ѓорче Петров ќе им се врати на жителите од овој дел на Скопје. Мала чаршија со занаетчиски дуќани и кафетерии е предвидено да се оформи на просторот зад супермаркетот „Тинекс“. Општина Ѓорче Петров објави Конкурс за избор на идејно решение за шеталиштето во реонскиот парк „Ѓорче Петров“, за дизајнирање на четири типски монтажни објекти, за дизајн на урбана опрема (улични светилки и канделабри) и за дизајн на клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња. Проектната програма е поделена во две групи од по два дела, при што заинтересираните субјекти може да учествуваат со по еден труд за секој од деловите на конкурсот.
*Реонскиот парк „Ѓорче Петров“
Општинарите сакаат да оформат простор во боемски амбиент, да се постават четири монтажни објекти на идното корзо, а со конкурсот е предвидена и амфитеатрална бина на потегот кон улицата „Ѓорче Петров“. Архитектите треба да обрнат посебно внимание на зачувување на постоечките дрвени насади во овој парк. Краен рок за предавање на изготвените идејни решенија е 13 април.
Жирито ќе додели три награди (прва награда – 61.500 денари нето сума; втора награда – 40.000 денари нето сума; трета награда – 20.000 денари нето сума) и ќе откупи три идејни решенија (по 7.000 денари нето сума). Идејните решенија треба да се одликуваат со функционалност и применливост.