Aрхитектонски трудови што ќе ги задоволат критериумите за оригиналност, иновативност и изводливост на решението, пристапност до и во локацијата за лицата со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивна трајност, како и читливост на идејата на проектот, се бара во Конкурсот за изработка на идејно решение за надградба на Градското пристаниште и за изградба на нова марина во Охрид, кој денеска го објави Министерството за транспорт и врски. За оценување на пристигнатите трудови е оформена жири – комисија во состав: Иванка Дуковска, Божин Ложанкоски и Горан Устијановски.
Заинтересираните архитекти и проектантски бироа треба да ги достават своите решенија до Министерството најдоцна до 29 јануари 2016 година. За првонаградениот труд е предвидена награда во висина од 120.000 денари, второнаградениот ќе се стекне со 100.000 денари, а трета награда е во износ од 80.000 денари. Предвидена е и можност за откуп уште две други идејни решенија во висина од по 20.000 денари.
За изградбата на нова марина и надградбата на постоечкото пристаниште во Охрид во изминатава есен беше ангажирана консултантска куќа, која треба да изготви студија за оправданоста од склучување на јавно – приватно партнерство за реализација на двата проекти. Покрај новиот лик на градското пристаниште, со проектот се предвидува изградба на марина на местото на Студенчишко блато, или поточно на просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“. Екологистите подолг временски период укажуваат на опасноста од уништување на биодиверзитетот на просторот на Студенчишкото блато, како последица од изградбата на марина и нова луксузна населба, за која веќе е изготвен архитектонско – урбанистички проект.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk