Претходна статија
ЈСП годинава ќе набави 30 нови еколошки автобуси на природен гас
Следна статија
Четврти обид за пронаоѓање инвеститор во терени за голф во Зелениково

Архитектката Ружица Минова добитничка на наградата „ТИГРИТЕ“ за 2018 година

Објавено на 12.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Амбасадорот на Република Полска во Македонија, Јацек Мултановски вечерва на архитектката Ружица Минова и ја додели наградата „ТИГРИТЕ“ за најдобар магистерски труд изработен во тековната 2018 година на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Оваа архитектонска награда е востановена во 2017 година и се доделува по втор пат. Таа е плод на соработката помеѓу Амбасадата на Република Полска во Скопје, полското архитектонско списание „Архитектура – муратор“ и Архитектонскиот факултет при УКИМ. Овогодинешната добитничка на наградата ќе се стекне со едногодишна претплата на полското списание „Архитектура – муратор“.

 

 

Темата на наградениот магистерски труд е „Архитектура на планина“, реализирана под менторство на професорот Минас Бакалчев. Станува збор за решенија со кои би можело да се придонесе кон развојот на туризмот во Источниот плански регион, посочи архитектката Ружица Минова. „Вниманието го насочив кон создавање на архитектонска интервенција која би ги задоволила овие потреби и би овозможила дневен престој на љубителите на природата“ изјави таа. Разработени се три локации од планинските предели сместени во овој регион – Пониква, Царев врв и врвот Сокол на Осоговските планини. На самите локации постојат остатоци од некогашна воена архитектура, коишто претставувале одлична подлога за интервенција во просторот и за формирање на надструктури на постоечките објекти.

 

Деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, Огнен Марина посочи дека доделувањето на наградата „ТИГРИТЕ“ претставува промоција на младите македонски архитекти, со што се одбележува долготрајната соработка меѓу полските и македонските автори, зачната во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Честитајќи за наградата на архитектката Ружица Минова, тој посочи дека на младите македонски архитекти наскоро ќе им се отвори можноста за обезбедување студиски престој во Полска.

 

Заедно со доделувањето на наградата „ТИГРИТЕ“, вечерва во Музејот на град Скопје се отвори и изложбата „Вечност и миг“. Изложбата ја третира полската архитектура во периодот меѓу двете светски војни, во чии рамки се создадени значајни архитектонски творби што се исползувале како алатка за зачувување на полскиот национален идентитет. Полскиот амбасадор Јацек Мултановски напомена дека отворањето на изложбата посветена на одбележувањето на 100 години полска архитектура е само еден од многубројните архитектонски настани што во изминативе 4 години ги организираше Амбасадата на Република Полска во нашата земја.

 

 

Амбасадорот Мултановски посочи дека создавањето врски помеѓу Полска и Македонија во архитектурата започнало пред 4 години со отворањето на изложбата „ТИГРИТЕ. Во тимот е силата“, посветена на полските архитекти Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугениуш Виежбицки, проектанти на зградата на МСУ. Директорката на Музејот на град Скопје, Фросина Зафировска му се заблагодари на досегашниот полски амбасадор за личниот ангажман при промоцијата на полската култура во Македонија, но и на македонската култура во Полска.

 

Изложбата „Вечност и миг“ ќе биде отворена за посетителите на Музејот на град Скопје до 30 јуни. Овој настан се организира како резултат на соработката помеѓу Амбасадата на Република Полска во Македонија и Музејот на град Скопје.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk