Асоцијацијата на архитекти на Македонија утре со почеток од 20 часот, во Музејот на современа уметност ќе ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за 2017 година. Архитектката Билјана Филиповска е овогодишна добитничка на признанието за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Својот најзначаен проектантски професионален раст го реализира во „Пелагонија проект“, каде непрекинато работи од 1977 до 2002 година. Своето архитектонско студио „СТУДИО 2000“ го основа во 2000 година, во кое е активна до денешен ден.
Архитектката Билјана Филиповска работела на неколку проекти што оставиле траен белег во македонската архитектура, вклучувајќи ги Олимпискиот базен во Скопје, Комплексот Езеро Треска, станбените кули во населбата Капиштец и други зданија. Добитничка е на Ноемвриската награда на град Скопје во 1979 година, Борбината награда за архитектура на РМ во 1979 година и на други признанија за нејзината професионална дејност. Наградата „Андреја Дамјанов“ за 2017 година ќе ја додели претседателот на ААМ, Мартин Пановски.