Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска побара да се повлече членот 4 од Предлог законот за измени и дополнувања во Законот за градење, со кој се предвидува општинските совети да донесуваат одлуки за изгледот на фасадите на објектите во централните градски подрачја. Предлог – законот е влезен во собраниска процедура и пред неколку дена го помина првото читање пред пратениците. ААМ денеска испрати барање до Комората на овластени архитекти и инженери за активно вклучување на Комората и интервенирање во предложените измени и дополнувања на законот. „Со додавање на наведениот нов член во Предлог законот за измени и дополни во Законот за градење, повторно и одново се потценува, девалвира и навредува архитектонската професија“, истакнува претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ.
Од асоцијацијата додаваат дека со воведувањето на новиот член во законот се врши директно непочитување на стручноста на архитектите. „Архитектурата е наука, се изучува на универзитет и е одраз на научна и естетска студија од што произлегува дека архитектите се единствени стручни и компетентни во формирањето на сликата на градот“, се наведува во испратеното барање од страна на претседателката на ААМ. На 27 јануари е закажано второто читање на Предлог – законот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, по што тој повторно ќе се најде на гласање пред пратениците.