По локалните самоуправи од земјава, и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија излезе со негативен став кон предложениот Закон за постапување со бесправно изградени објекти. Архитектите и инженерите од Тетово и Гостивар излегоа со свои директни предлози за идниот закон, кои доколку не се усвојат, се закануваат дека ќе бидат приморани да ги вратат лиценците и овластувањата за работа. Од овие причини, раководните лица на Комората вчера организираа средба со овластените архитекти и инженери од Тетово и Гостивар.
*Архитектите и инженерите од Тетово и Гостивар на вчерашната средба се заканија дека ќе ги вратат лиценците назад
Од Комората на овластени архитекти и инженери велат дека детално ќе ги проучат предлозите на стручната фела, по што истите ќе ги проследат до надлежните институции. Архитектите бараат во идниот закон да се вметне задолжение за изработка на идеен проект за сите оние сопственици на дивоградба што сакаат да го легализираат нивниот објект. Воедно, стручната фела бара бесправните објекти што ќе бидат легализирани да ги исполнуваат условите за минимален број на паркинг места, а за објектите за домување за над 25 лица да мора да се изготви елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи и позитивно мислење за механичката и сеизмичка отпорност на бесправно изградените објекти.
Архитектите, урбанистите и останатите припадници на стручната фела тврдат дека предложениот закон за легализација на дивоградбите изведени од 2011 до 2018 година ќе доведат до загрозување на нивното постоење како субјекти. „Покрај тоа што актуелниот Градоначалник на Градот Скопје – Претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов најавува за транспарентност и вклучување на сите субјекти за изготвување на предлог на закон за изменување и дополнување на законот за постапување со бесправно изградени објекти конкретно ништо не се случува на терен“, посочуваат претставниците на стручната фела во официјалниот предлог доставен до комората на овластени архитекти и инженери.