Бојкотот од македонските архитекти не ја поколеба градската власт за продолжување на „барокизацијата“ на постоечките објекти во центарот на Скопје. По неодржувањето на годинешната манифестација „Архитектурата на град Скопје“ поради бојкотот од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професионалната фела продолжи да ги бојкотира и активностите за избор на идејни решенија за новите фасади во централното градско подрачје. Наспроти нормалната европска пракса за доставување на десетици домашни и странски авторски решенија, на последниот Конкурс за реконструкција на надворешниот изглед на објектот на улицата „Димитрие Чуповски“ со број 22-24 е доставен само еден труд.
И покрај тоа што е доставено само едно идејно решение, Градот Скопје се одлучил истото да го прифати и да го вреднува со прва награда во висина од 104.167 денари. Авторот на победничкиот архитектонски труд е Звонко Ставревски. Во наредниот период треба да се изработи основен проект за претстојниот реконструктивен зафат, по што ќе се бара и изведувач на градежните работи на терен.
Без да се прашаат граѓаните, Градот Скопје во изминативе неколку месеци интензивно работи на „барокизација“ на сите објекти лоцирани долж улицата „Димитрие Чуповски“. Досега е променет изгледот на седиштето на компанијата „Гранит“, додека во моментов градежни фирми работат на уште три други зданија долж оваа сообраќајница, вклучувајќи ја и некогашната зграда на „Пелагонија“.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk