Да не ни се случи ново „Скопје 2014“ со изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) ја испрати ваквата порака од денешната прес – конференција и побара од владата да ги вклучи архитектите во конципирањето на стручно мислење при изборот на локацијата за изградба на најзначајниот здравствен комплекс во земјава. Претседателот на ААМ, Мартин Пановски изјави дека од ниту една релевантна институција, која се занимава со архитектура и урбанизам, не е побарано официјално мислење или експертиза околу изградбата на новиот Универзитетски клинички центар.
„Планирањето на просторот не смее да се сфати како желби на поединци“ изјави Мартин Пановски. И покрај тоа што владата не ги консултирала при реализацијата на овој проект, од ААМ сметаат дека имаат обврска да се грижат за развој на изградениот простор во земјава. Врз основа на ваквото нивно задолжение, архитектите на денешната прес – конференција го искажаа официјалниот став на ААМ дека Универзитетскиот клинички центар во Скопје треба да се гради на нова локација.
*Изработената документација за новата локација кај Бардовци
Архитектот Иван Арсовски во своето излагање ги образложи предностите и слабостите на двете локации за изградба на Универзитетскиот клинички центар. Тој посочи дека со изготвената урбанистичка документација за Скопје во изминативе две децении се потврдило дека најсоодветен простор за изградбата на овој здравствен комплекс е просторот од околу 92 хектари во близина на селото Бардовци. Европската инвестициска банка веќе ја финансирала физибилити студијата за дислокација на Универзитетскиот клинички центар на овој простор, а искуствата на Папскиот универзитетски клинички центар во Рим биле дадени во предусловите за изработка на прелиминарната Планска програма за новиот здравствен комплекс.
„Асоцијацијата на архитектите на Македонија, во своето делување и работење, се залага за почитување на професионалните стандарди на нејзините членови, коишто дале значаен придонес и континуитет во планирањето на просторот, затоа и застанува зад целокупниот ангажман на професионалците кои изминатите 20 години работеле на оваа проблематика“ изјави Иван Арсовски. Од ААМ посочија дека се против продолжување на изградбата на новиот Универзитетски клинички центар на постојната локација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
*Постојната локација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Грешката што ќе ја направи владата при изборот на постојната локација на подножјето на Водно ќе биде поголема од најавените пенали од 5,5 милиони евра за раскинување на договорот за градење. Архитектите ги образложија десетиците предности што би ги донела новата локација за Универзитетскиот клинички центар кај селото Бардовци. Наспроти нив, на постојната локација има очигледен сообраќаен хаос, кој во иднина би можел да биде единствено полош. Воедно, архитектите сметаат дека паралелната изградба на новиот објект на старата локација ќе им штети на самите пациенти, кои ќе треба да се опслужуваат и во наредните години во околните објекти.
Официјалниот став на ААМ следува по обраќањето на премиерот Зоран Заев во македонското Собрание, во кое тој наведе серија на причини поради кои не би требало да се гради Универзитетскиот клинички центар на новата локација кај селото Бардовци. Во своето обраќање, премиерот Заев изјави дека ваквата инвестиција би чинела од 450 до 500 милиони евра, а самата изградба на здравствениот комплекс би се одложила за пет години. Тој наведе дека Банката на Советот на Европа не се согласува да ги пренамени средствата за негова изградба на новата локација кај селото Бардовци.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk