Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) утре (25 декември) со почеток од 20 часот, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за 2018 година. Архитектот Миодраг Радоњиќ – Бато е овогодишен добитник на признанието за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Петчлената комисија составена од членови на ААМ одлучи да ја додели наградата на авторот, којшто во својата 40 – годишна творечка дејност има изготвено над 27 урбанистички планови и проекти, како и преку 150 архитектонски проекти.
Во својата професионална кариера, тој учествувал на бројни архитектонско – урбанистички конкурси, при што се стекнал со 1 првонаграден проект, 2 трети награди, 7 откупи и 1 специјално признание. Миодраг Радоњиќ – Бато во 1973 година ја оформува неформалната студентска група „АЈВАР“, додека во 1991 година во партнерство со Ранчо Христов го регистрира првото приватно архитектонско биро во нашата земја – „Ателје Ајвар“. Наградата „Андреја Дамјанов“ за 2018 година ќе ја додели претседателот на ААМ, Мартин Пановски.