Претходна статија
Префизибилити студија за нова електрана кај Неготино
Следна статија
Отворен хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје

Архитект Георги Константиновски одржа пристапно предавање во МАНУ

Објавено на 11.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот архитект Георги Константиновски денеска одржа пристапно предавање на тема „Трите мои бисери“ во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). За својот белег оставен во историјата на македонската архитектура и долгогодишното пренесување на знаењата на студентите од Архитектонскиот факултет, архитект Георги Константиновски е прогласен за почесен член на МАНУ. За богатото творештво низ годините наназад на денешниот настан говореше академик Георги Старделов.

 

Во творечкиот опус на архитект Георги Константиновски можат да се вбројат важни архитектонски дела во нашата земја, вклучувајќи го студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, Архивот на Град Скопје, објектот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје, Спомен домот на Разловечкото востание во с.Разловци и Меморијалниот комплекс „АСНОМ“ во с. Пелинце. Меѓу стекнатите награди и признанија во својата професионална кариера, архитект Георги Константиновски во 1999 година ја добива Наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело.

 

Георги Константиновски дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скопје во 1956 година. Во 1953 година бил на стручно усовршување во бирото на архитект Само Алмоснино и во Еврејската заедница за урбанизам во Израел, додека во 1965 година магистрирал на престижниот американски универзитет Јејл, кај Пол Рудолф и Сергеј Чемаеф. Во Њујорк работел во бирото на Јо Минг Пеј, Хенри Коб и Аралдо Кауста. Архитект Георги Константиновски бил и долгогодишен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.