Претходна статија
Набавени првите седум реквизити за новиот Луна парк во Скопје
Следна статија
Ќе се реконструираат три улици во општина Ѓорче Петров

Анализите потврдуваат дека топлификацијата е најдобар начин за греење на Скопје

Објавено на 02.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Системот за централно топловодно греење претставува техно-економски оптимален тип на греење за поголем дел од објектите лоцирани во Скопје. Ова е генералниот заклучок од студијата „Дефинирање на техно-економски оптимална и еколошки одржлива структура за греење и имплементирање на централизирано снабдување со санитарна топла вода на Град Скопје“, која беше денеска презентирана во Стопанската комора на Македонија. Резултатите покажуваат дека топлификацијата е неоправдана за периферните делови од градот, вклучувајќи ги населбите каде што доминираат индивидуалните објекти за домување. Студијата препорачува затоплувањето на куќите да се стимулира со користење на инвертер клима-уреди и топлински пумпи кај станбените објекти.

 

 

Експертите во изготвената студија ја критикуваат можноста за гасификација на Скопје, која би им овозможила на граѓаните да се греат на природен гас. Тие не препорачуваат развој на гасоводниот систем во оние делови на градот каде што веќе има развиена топловодна мрежа. Во случајот на Скопје, велат експертите, тоа би биле два неприродни конкурента. Единствениот исклучок во полза на поставувањето уреди на природен гас се оние делови на Скопје каде што нема топлификација. Ако топлинските пумпи и клима уредите бараат значителна инвестиција во електродистрибутивната мрежа, тогаш експертите сметаат дека вреди да се размислува за изведба на дистрибутивна гасоводна мрежа за затоплување на овие делови од Скопје.

 

Од еколошки аспект, експертите од Машинскиот факултет посочуваат дека аерозагадувањето во Скопје ќе се намали со натамошен развој на централното топловодно греење. Во презентираната студија е претставен и предлог-план за развој на системот за централизирано снабдување со топлинска енергија на краток, среден и долг рок. Ако сите исклучени граѓани од централното греење се вратат повторно на некогашните услуги, експертите пресметале дека месечните сметки ќе се намалат за 10%, но и ќе опадне загадувањето на воздухот за 7%.

 

Во студијата е наведено дека Скопје може да постигне оптимална, самоодржлива грејна структура. За ова е потребно да се обезбеди паралелен развој на централниот топловоден систем во урбаните делови од Скопје, како и на когенеративното производство на топлинска и на електрична енергија од топлински пумпи и инвертери во периферните населби на Скопје. Денешното претставување на изработената студија беше организирано од страна на Македонската енергетска асоцијација.